1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Определбата за изградба на мултиетничка држава е вистинска

11 август 2011

Македонија е во стабилна состојба во однос на безбедноста, а односите меѓу двете најбројни заедници се релаксирани. Амбасадорот на ОБСЕ во Македонија тврди дека не е потребен нов договор меѓу Албанците и Македонците.

https://p.dw.com/p/12Es2
ОБСЕ

Охридскиот договор е база за коегзистенција и не е потребен нов договор помеѓу Македонците и Албанците. Можеби се’ уште постои горчина од настаните во 2001-та, но, определбата за изградба на мултиентичка држава е вистинска, вели во разговорот за Дојче веле амбасадорот на ОБСЕ во Македонија, Ралф Андреас Брет. Тој смета дека договорот потпишан пред 10 години ја постигнал целта, а придобивките се бројни.

Целите на Охридскиот договор се постигнати

„Да, најзначајна цел е запирањето на непријателството кое не се повтори. Потоа придобивки на Рамковниот се Бадентеровиот принцип, легализацијата на Тетовскиот универзитет и употребата на мајчин јазик, значајниот напредок во принципот на правична застапеност, ако се има предвид дека во 1994 беа вработени само 4 проценти Албанци во јавната администрација, а сега се околу 20, децентрализацијата. Секако станува збор за актуелен процес и ние треба да го почитуваме не само документот туку духот на договорот поддржувајќи ја натаму идејата за мултиетничко општество“.

Mazedonien Deutschland USA
Амбасадорот на ОБСЕ во Македонија ја извршуваше и амбасадорската функција во Германската амбасада во СкопјеФотографија: MIA

Брет е поранешен германски амбасадор во Македонија. На новата функција стапи пред нешто повеќе од два месеца.

Раскажува дека по враќањето во Македонија неговиот прв впечаток бил дека ја затекнува земјата во стабилна состојба. Такви биле и извештаите на мониторите на ОБСЕ од теренот. Во Тетово видел како се ракуваат двајца политичари, Македонец и Албанец кои во 2001 биле на спротиставените страни на фронтот. Тоа го охрабрило многу.

„Двете најголеми заедници ја доживуваат земјата како своја татковина, но потребни се повеќе можности за поголема соработка во економијата и социјалниот живот. Исто така е потребно да се почитуваат различностите, тие да не се доживуваат како пречка туку како предност“, вели шефот на мисијата на ОБСЕ.

Не е потребен нов договор меѓу Македонците и Албанците

Амбасадорот Брет не исклучува дека можеби се’ уште постои чуството на горчина од настаните во 2001-та, особено кај луѓето кои биле лично погодени од конфликотот. Но, смета дека определбата да се живее заедно е вистинска. Процесот продолжува, присуството на ОБСЕ во Македонија е да помогне во изградбата на доверба, што е предуслов за подобра соработка меѓу заедниците. Брет не се согласува со оценките на некои политичари од албанскиот блок, дека Рамковниот договор е претесен и не одговара на потребите на новото време.

„Не, ние не мислиме така. Секако дека не постои совршен договор. Но Охридскиот беше најдобар во тоа време и се’ уште е база за коегзистенција. Не може да ги реши сите проблеми разбирливо, потребни се одговори на некои прашања, но, не и нов договор“, изјави за Дојче веле Брет.

Додава дека во мултиетнички држави никогаш не може да се исклучи можноста од тензии, но во Македонија е важно сите политичари и граѓани да бидат сигурни дека нема да дозволат малите инциденти да ескалираат во голем конфликт. Во однос на последните случувања на Косово и изјавите дека нестабилноста може да се прелее Брет вели, дека регионалните случаи можат да имаат влијание, но, во конкретниот случај, не очекува негативни влијанија врз Македонија.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска