Опозицијата и Јанукович потпишаа договор
21 февруари 2014Украинскиот претседател Виктор Јанукович и лидерите на опозицијата во Киев потпишаа привремен договор за решение на внатрешнополитичката криза во земјата. Договорот предвидува предвремени претседателски избори, уставни промени со цел враќање на ингеренциите на владата и на парламентот, како и создавање привремена влада.
Претходно различните групи на украинската опозиција, меѓу кои и радикалите и подготвените на насилство, дадоа зелено светло. Т.н. Совет на Мајдан денеска по разговорите со повеќе опозициски лидери, како и со германскиот и полскиот министер за надворешни работи, Франк-Валтер Штајнмаер и Радослав Сикорски, се согласи за договор, беше соопштено од кругови на делегациите во украинскиот главен град Киев. Информацијата ја потврди и германското Министерство за надворешни работи во Берлин преку кратка информација на Твитер. Еден од лидерите на украинската опозиција, Олег Тјахнибок, за агенцијата Интерфакс исто ја потврдил согласноста на Советот на Мајдан.
Претседателот Виктор Јанукович претходно најави одржување предвремени избори, што беше основното барање на опозицијата. Освен тоа, тој се согласи и со уставна реформа и формирање нова влада на национално единство, која треба да биде формирана во рок од десет дена.
Јанукович меѓутоа не наведе датум за предвремените претседателски избори. Во соопштението тој нагласи дека целта е враќање на уставот од 2004. година, со што претседателот треба да им ја врати власта на владата и на парламентот.
Полскиот премиер Доналд Туск уште пред потпишувањето на договорот зборуваше за „момент на пробив“, но предупредувајќи ги новинарите во Варшава од преголем оптимизам. .
„Патот до конечен договор е уште далечен“, рече Туск, истакнувајќи дека најлошото можно сценарио за Украина се‘уште не е неможно. Преговорите беа засенети од недоволната веродостојност на Јанукович, иако веројатно притисок изврши најавата за санкции од страна на ЕУ кон украинското раководство.
Ноќеска делегација на ЕУ на чело со Штајнмаер и Сикорски до раните утрински часови преговараше со Јанукович и со опозицијата. На разговорите учествуваше и руски посредник, Владимир Лукин, ополномоштеник на рускиот претседател Владимир Путин за човекови права.
Во бруталните судири меѓу владините противници и силите за безбедност минативе денови загинаа најмалку 77 луѓе. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за ескалација на ситуацијата.