1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозиционерот Шариф се врати во Пакистан

10 септември 2007

Поранешниот премиер Наваз Шариф изутрината се врати во земјата по речиси седум години поминати во бегалство. И покрај вонредните мерки за безбедност, судири меѓу полицијата и приврзениците на водачот на опозицијата

https://p.dw.com/p/BeG7
Наваз Шариф на пат кон ИсламабадФотографија: AP

Наваз Шариф слета на аеродромот во главниот град Исламабад. Репортер на агенцијата Асошиетед прес, кој се наоѓал во авионот, опишува дека специјалци влегле во авионот и го опколиле поранешниот премиер. Тој одбил да им го даде пасошот на претставници на имиграционите власти. Со оглед на одбивањето на владата да му дозволи враќање во земјата, нему му се заканува да биде уапсен и повторно протеран.

Наваз Шариф беше соборен од власт на 12-ти октомври 1999-та година со воен пуч предводен од сегашниот претседател Первез Мушараф, по што наводно самиот прифатил да оди на 10 години во егзил во Саудиска Арабија, за да избегне обвинение поради корупција. Минатиот месец Врховниот суд на земјата реши дека тој смее да учествува на претстојните избори и Шариф најави дека по секоја цена ќе се врати во Пакистан за да ја предводи кампањата за сменување на претседателот Мушараф.

Пред полетувањето од Лондон, тој синоќа изјави: “Тој вели дека ќе ме води директно в затвор. Не се плашам од тоа. Тој ме држеше в затвор 14 месеци по државниот удар против мојата влада, но од тој ден се борам за враќање на демократијата”.

По пристигнувањето на Наваз Шариф, во Исламабад дојде до судири на неговите приврзеници со полицијата. Силите за безбедност, како што известуваат домашните медиуми, употребиле палки и гас-солзавец против приврзениците кои се обиделе да влезат во аеродромот и покрај полициските барикади. Судири со повеќемина повредени имало и во градот Равалпинди, каде демонстрантите фрлале со камења против полицијата. Таа – како што тврдат членови на неговата партија - последните денови уапсила околу 2 илјади приврзеници, а ноќеска во домашен притвор се ставени најмалку 4-ца луѓе од доверба на поранешниот премиер.

Наваз Шариф е најостриот противник на генералот Мушараф, кој има намера и натаму да остане претседател и шеф на армијата. Затоа, прашање е дали Мушараф воопшто ќе дозволи одржување на парламентарните и претседателски избори, или ќе ги спречи со воведување воено право, што би можело да доведе до насилство и исламизација на земјата.

Од бегалство се враќа и Беназир Буто, која исто така своевремено беше премиер на Пакистан. За разлика од Шариф, таа сака договор со Мушараф за поделба на власта – таа да биде премиер, тој да остане претседател, но да се откаже од раководењето со армијата. Согласност уште не е постигната.

“Се наоѓаме пред алтернатива, преминот кон демократија и стабилен Пакистан да го добиеме заеднички со Мушараф, или да се ризикува побуна на сите политички партии против него со многу пожестоки демонстраци отколку оние за независно правосудство” – вели Беназир Буто. Пакт со неомилената противничка, за што притискаат и САД, е единствената шанса за Мушараф да остане на власт, иако тоа би ја зајакнало позицијата на Наваз Шариф.

Пакистан, во секој случај, се наоѓа пред жешка политичка есен.

Улрих Лајдхолт / Зоран Јордановски