1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

021009 D Experten Afghanistan-Einsatz

5 октомври 2009

Воената мисија во Авганистан е тема за која се спори. Еден дел од населението бара повлекување на германските војници. Разлики во мислењата има и меѓу експертите за безбедност. Дали испраќањето уште војници е доволно?

https://p.dw.com/p/Jxl8
Фотографија: AP

Јан Техау, експерт за безбедност во Германското друштво за надворешна политика верува дека е можно мисијата во Авганистан да заврши со неуспех, исто како и генералниот командант на трупите ИСАФ, генерал Стенли Меккристал.

„Во најмала рака, мора да се каже дека неуспехот е една од можностите. Во последниве година и половина станува се` потешко. Безбедносната состојба се влоши, талибанците повторно се тие што ја имаат иницијативата и ја повратија моќта и способноста за напади на територијата на целата земја“, вели Техау.

Без значително зголемување на трупите, за западните сили ќе биде тешко да ја преземат контролата, смета тој:

„Сега е потребно меѓународните трупи и авганистанската влада повторно да ја преземат иницијативата. Повторно мораат да го предводат процесот, а не само да реагираат, како што е ситуацијата сега, кога само се обидуваат да ги ограничат штетите од талибанците. Меѓутоа, за почеток ќе мора да се зголеми военото присуство“, смета Техау.

Освен тоа, мора да биде зголемен и бројот на трупите за цивилна обнова бидејќи, според Техау, без цивилен ангажман, секој воен успех е попуст.

Мора да се постават реални цели

Но, сепак, дури и да се испратат повеќе војници и повеќе трупи за цивилна одбрана - со која цел? Политикологот Херфрид Минклер смета дека западот мора да си постави реални цели во Авганистан.

„Претставите за широкоопсежна демократизација, почитување на човековите права и испраќање на девојчињата во училиште се многу високи цели. Многу се сомневам дека ова се` уште може да се оствари. Затоа мислам дека треба малку да се спуштиме и да бидеме задоволни ако Авганистан се претвори во мирно подрачје“, вели Минклер.

Deutschland Flash-Galerie Woche 39 Afghanistan Bundeswehr
Доволно ќе биде ако Авганистан се претвори во мирно подрачјеФотографија: AP

Други, пак, сметаат дека повлекувањето на трупите е неизбежно. Матин Баракин, политиколог со авганистанско потекло на универзитетот во Марбург, потсетува на неуспесите на други воени мисии во Авганистан:

„Во 19 век Британците двапати целосно го окупираа Авганистан, но Авганистанците со голи раце се бореа и ги истераа од земјата. Советскиот сојуз се обиде во 1980 година конфликтот да го реши со воени средства, но и покрај ангажманот на преку сто илјади војници, ниту тие не успеаја во тоа.“

Бараки смета дека бунтовништвото во Авганистан може да се спречи само со подобрување на материјалната состојба на населението.

„На југот и на истокот од земјата, седумдесет проценти од населението се без работа. Ако на овие луѓе им се даде леб и работа, ќе се намали отпорот и ќе се отвори патот за обнова и мирни односи во Авганистан.“

Автор: Даниел Шешкевиц / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска