Опасност од руски продор на Балканот
18 ноември 2014Она што пробива од доверливите документи на Министерството за надворешни работи за политиката на моќ на Русија во јавноста е загрижувачки. Според нив се вели дека Русија на Западниот Балкан му придава високо стратешко значење. Набљудувачите од тоа извлекуваат заклучок дека Москва се обидува да го врзе регионот потесно за себе, за да го поттисне влијанието на Европската унија.
Дека Русија одамна ги инсталираше своите економски и политички антени на Балканот е познато. Ново меѓутоа е колку консеквентно Русија ги следи своите хегемонијални барања вон постсоветскиот простор.
Економското влијание на Русија
Путиновата стратегија за Балканот е вешта и едноставна: особено Србија, Црна Гора и српската република на Босна и Херцеговина, Република Српска традиционално се сојузници на Русија. Со испораката на земјен гас, инфраструктурните проекти и руските инвестиции во овие земји консеквентно се зголемува влијанието на Русија. Притоа на Русија во прилог и оди катастрофалната економска состојба во овие земји. Невработеноста таму во просек изнесува 30 проценти, речиси секој втор млад човек е без работа и западните директни инвестиции стагнираат со години на ниско ниво, бидејќи корумпираните администрации ги одвраќаат инвеститорите.
Русија тука отвора перспективи: Во Србија руски фирми ги модернизираат државните железници, во Црна Гора една третина од претпријатијата се во руска рака. Во Босна и Херцеговина, која правно сѐ уште е протекторат на Западот, Русија врши притисок, за да го намали влијанието на Западот. За првпат Русија во Советот за безбедност на ОН гласаше против продолжување на мисијата ЕУФОР. Сосема очигледно со цел земјата да се држи подалеку од ЕУ. Дури и во ЕУ членката Бугарија, која драматично зависи од руската испорака на нафта и гас, Русија го зајакнува своето политичко и економско влијание.
ЕУ е уморна од проширувањето
Со ваквата „Soft-Power“ стратегија Русија навлегува во еден вакуум, кој од Западот за жал не е доволно заземен. И петнаесет години по крајот на војните во Југославија, Балканот и натаму не е ништо повеќе од европско предворје. И во повеќето ЕУ земји очигледно се сака така и да остане. По кризата со еврото никој во клубот повеќе не сака да размислува за проширување на ЕУ. Истовремено расте загриженоста од дополнителни трошоци поради економски слабите кандидати за пристап. Само Словенија и Хрватска досега успеаја да бидат примени во ЕУ. Сите други земји на Западниот Балкан со децении седат во чекалницата.
Се разбира не е само Западот виновен за тоа. Имено многу проблеми се домашни: на многу места сфаќањето за демократијата не е доволно развиено, меѓу владејачките партии владее непотизам, доминира националистичкото размислување и ги попречува политички и економски реформи. Но, во меѓувреме улога играат и очекувањата во кои се разочараа многу луѓе, кои патот кон ЕУ ни од далеку не го замислуваа толку мачен и трновит: владее атмосфера на фрустрација, резигнација и потиснат гнев. Се шири анти-европско расположение.
Европа мора повторно да се вмеша
За да спречи Русија уште повеќе да го искористи ова расположение и Балканот да го поттисне уште подалеку од западната сфера на интереси, ЕУ мора повторно да се вмеша на Балканот и да даде јасни сигнали за перспективите за пристап. Станува збор за тоа на луѓето јасно да им се предочи дека пристапот во ЕУ е од предност за нив. Дека се исплати да се направат напори, за земјата да се подготви за пристап. На ЕУ - и посебно Германија како мотор на европската интеграција - не и преостанува ништо друго освен со сета сила повторно да започне со дипломатската сизифовска работа на Балканот. Освен тоа Брисел мора овие земји посилно да ги поддржи и економски, за да постави контрапункт на руската тактитка на прегратки.