150611 Taliban Al Kaida Afghanistan
16 јуни 2011Одборот за санции на ОН од денешната седница во Њујорк треба да испрати сигнал на помирување кон движењето на талибанците во Авганистан. Претседателот Хамид Карзаи веќе му достави на Одборот список со 40-тина имиња на талибански лидери, кои би требало да бидат симнати од „црната листа“ на ОН. Тој појаснува дека тоа е битно за да се отвори патот кон преговори:
„Постојат контакти со талибанците. Тие се насочуваат се’ повеќе преку Високиот мировен совет, кој го создадовме специјално за оваа намена. И нашите меѓународни партнери имаат контакти со талибанците, а наша цел е да ги координираме сите тие настојувања и да ги мобилизираме сите неопходни ресурси за процесот на помирување.“
Разликување меѓу талибанците и Ал Каеда
Високиот мировен совет брои 70 члена, од кои петмина се наоѓаат на списокот со санкции на ОН. За да се овозможи нивната работа во Советот неопходно е да им се врати угледот. Вкупно на списокот санкционирани лица се наоѓаат 500 имиња, од кои 140 се доведуваат во врска со талибанците, додека останатите со терористичката мрежа Ал Каеда. Очигледено е настојувањето на меѓународната заедница да ги раздвои овие две категории и да воспостави дијалог со поумерените лидери во Авганистан. Дека тоа е неопходно, па и неизбежно, јасно стави на знаење американскиот претседател Барак Обама при неодамнешната посета на Европа:
„Проблемот нема да можеме да го решиме со воени средства. Но, можеме да ги искористиме успесите на воен план за да поттикнеме политичко решение, што ќе биде во склад со авганистанскиот устав, односно со одржувањето фер и слободни избори, со почит за човековите права и посебно за правата на жените. Тоа нема да биде совршено решение, но сметам дека можеме да постигнеме ниво што ќе биде во склад со нашите вредности и со тоа и со причината зошто воопшто се вмешавме воено во Авганистан.“
Нема мир без талибанците
Главната причина на која мисли Обама е Авганистан никогаш повеќе да не стане легло на терористи. Во меѓувреме во американската јавност се проби сознанието дека без учество на талибанците нема да има никаков мир во Авганистан. Обама при тоа стои под временски притисок, бидејќи идната година сака да биде реизбран за претседател на САД, а тоа ќе оди тешко ако не ја заврши војната во Авганистан. Американците, имено, веќе подолго време не ја поддржуваат повеќе оваа војна.
„Тоа значи дека по секоја цена мораме да разговараме со талибанците. Но, ние исто така јасно ги кажавме нашите услови за разговор: талибанците мораат прво да ги прекинат сите врски со Ал Каеда, мораат да се откажат од примена на сила и да го почитуваат постојниот устав.“
Услови поставуваат и талибанците: тие бараат повлекување на сите странски воени сили од земјата и бришење на нивните лидери од „црниот список“ на ОН.
Автор: Сандра Петерсман / Горан Чутаноски
Редактор: Симе Недевски