ОН со санкции против Боко Харам
23 мај 2014Оваа одлука Советот за безбедност на Обединетите Нации во пракса значи дека против исламистичката група ќе се применуваат санкции што вклучуваат замрзнување на имотот, забрана за патувања и забрана за продажба на оружје.
Решението на СБ следува на предлог на владата на Нигерија, која пред два дена побара Боко Харам да биде ставена на црната листа. Досега Нигерија беше воздржана во барањето помош од меѓународната заедница во борбата против Боко Харам. Исламистичката група во април грабна повеќе од 200 ученички во слабо населеното подрачје долж границата со Камерун, Нигер и Чад. Нивната моментална локација и натаму е непозната. Тоа предизвика бран меѓународни протести и беше еден од непосрендите поводи за одлуката на ОН.
Инаку, припадниците на Боко Харам се одговорни за серија вооружени и бомбашки напади во Нигерија и соседните земји врз полицијата, армијата, но и врз цркви и училишта. Сектата основана пред 10 години се бори за создавање исламистичка држава во муслиманскиот север на Нигерија. Во нејзините напади досега загинаа илјадници луѓе.