1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН: Киднапирањето на девојчињата - злосторство против човештвото

БГ/дпа/миа10 мај 2014

Советот за безбедност на ОН усвои резолуција со која киднапирањето на девојчињата во Нигерија се смета за воено злосторство. Интерпол и’ понуди помош на Нигерија

https://p.dw.com/p/1BxTD
Фотографија: Pius Utomi Ekpei/AFP/Getty Images

Советот за безбедност на ОН побара нигериската терористичка група Боко Харам да се смета за одговорна за злосторството кое е на ниво на злосторство против човештвото - киднапирањето на 276 ученички.

Едногласно усвоената резолуција беше најострата осуда на терористичките напади во Нигерија. СБ изрази најдлабоко осудување за киднапирањето на 276 ученички на 14 април и осум девојки на 5 мај, и побара тие веднаш и без условување да бидат пуштени на слобода. СБ на ОН, исто така, го осуди и нападот од 5 мај, во кој загинаа и повредени се неколку стотина луѓе. СБ на ОН соопшти дека терористичките напади кои ги спроведувал Боко Харам од 2009 година предизвикале огромен број жртви и оти претставуваат закана по стабилноста и мирот во западна и централна Африка.

Водачот на Боко Харам - Абубакар Шекау се закани дека ќе ги продаде девојчињата, киднапирани на 14 април од училиште во државата Борно. „Господ ми наложи да ги продадам, тие се негова сопственост и јас ќе правам како тој што ми наредил“, рече Шекау.

Интерпол исто така понуди помош за откривање и спасување на нигериските ученички. Во соопштението на меѓународната полициска агенција се посочува дека Интерпол може да испрати своја екипа во Нигерија, како и да даде истражна и аналитичка поддршка на нигериските власти. Агенцијата со седиште во Лион, Франција, предлага јавно да објават информации за секое од киднапираните девојчиња, кои ќе бидат дистрибуирани низ цел свет. Тоа овозможува жртвите да бидат препознаени ако се одведени во други земји.

Неколку држави досега и’ понудија помош на Нигерија за наоѓање на ученичките кои се киднапирани на 15 април.