За геноцидот над Рохингите мора да се одговара пред суд
18 септември 2018Независната истражна комисија на Обединетите нации за Мјанмар соопшти дека е присутна геноцидна намера против муслиманското малцинство Рохинга. Во извештајот на мисијата на ОН, Рохингите се означени како заштитена група и се наведува оти мјанмарските сили за безбедност врз оваа популација извршиле 4 од 5 забранети дела кои се дефинираат како геноцид. Степенот на бруталност на војската на Мјанмар кон муслиманското малцинство Рохинга во земјата е „тешко замислив“, изјави денеска истражителот на ОН, Марзуки Дарусма.
Тој го претстави извештајот пред Советот на ОН за човекови права во кој тешко ја обвинува војската на Мјанмар и бара на шест воени официјални лица да им се суди за геноцид.
„Нивото на бруталност применето во операциите на војската на Мјанмар е тешко замисливо. Тоа е целосен презир кон човечкиот живот“, рече Дарусма.
ОН денеска го објавија комплетниот извештај врз основа на мисијата за утврдување на фактите околу операциите против малцинството Рохинга поради кои илјадници луѓе од ова малцинство побегнаа во соседен Бангладеш. Извештајот од 432 страници го дополнуваат прелиминарен извештај и препораки објавени во куса верзија пред три недели. Во него, исто така, се дава остра критика во одговорот на ОН за кризата со кршењето на човековите права на ова малцинство.
Повеќе:
-Една година од почетокот на егзодусот на Рохингите
-ОН: Ситуацијата на Рохингите во Мјанмар е катастрофална
-Прогон на Рохинга во Мјанмар: одговори на основните прашања
ОН наведува имиња на 6 високи претставници на војската на Мјанмар и бара против нив да се започне судски процес за геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства врз муслиманското малцинство Рохинга. Меѓу нив е и началникот на генералштабот на мјанмарската армија од 2011 година, генералот Аунг Хлаинг.
Стотици илјади Рохинги побегнаа во Бангладеш од август 2017 година поради кампањата која следеше по неколку бунтовнички напади на воени и полициски пунктови во Мјанмар.
Мисијата за утврдување на фактите ја формираше Советот на ОН за човекови права во март 2017 година, по повеќегодишно кршење на човекови права на етничките малцинства во Мјанмар со фокус на периодот по 2011 година, кога земјата започна да се отвора по повеќе децении изолација под владеењето на воената хунта.
Истражувачите на ОН ги повикаа денеска цивилните власти во Мјанмар да ја повлечат војската од политичкиот живот поради нејзина вмешаност во масакрите над муслиманското малцинство.