ОН: Ватикан ги повредува детските права
5 февруари 2014Свештеници и други соработници на католичката црква во целиот свет сексуално злоставувале десетици илјади деца, се вели во извештајот на Одборот за детски права при ОН во Женева.
Ова тело изрази длабока загриженост, бидејќи Ватикан не ги препознавал размерите на злосторството и не ги преземал потребните мерки за да спречи вакви случаи и да ги заштити децата. Наместо тоа, има правилник и норми, кои воделе токму до тоа злоставувањето да продолжи и сторителите да останат неказнети, се критикува во извештајот. Со преместување на сторителите во други бискупии или земји, црквата се обидувала да прикрие злосторства. Со тоа Ватикан го ставал угледот на црквата над доброто на децата.
Пронајдените сторители треба веднаш да им се предадат на правосудните органи, се вели во извештајот. Експертите на Обединетите нации исто така бараат обврзувачки правила во црковното право, за децата во иднина да бидат подобро заштитени од злоупотреба во католичките институции ширум светот.
Ватикан, како држава потписник на Меѓународната конвенција за детски права, во јануари за првпат мораше да одговара пред 18 независни експерти на Одборот за заштита на децата на ОН поради случаите со злоставување. Притоа, претставниците на црквата признаа дека имало тешки случаи на сексуално злоставување. Претставниците на Ватикан истовремено нагласија дека со сета сила преземале мерки против тоа.
Одборот за заштита на децата на ОН надгледува колку се почитува Конвенцијата за заштита на детските права, која изричито забранува секаква форма на насилство и сексуална злоупотреба.
Ватикан во меѓувреме официјално изрази жалење за резултатот од проверката од страна на комисијата на ОН. Во соопштението Ватикан истовремено му префрлува на ова тело „дека се меша во учењето на католичката црква за човековото достоинство и практикувањето на религиозната слобода“.