ОН бараат безусловен прекин на огнот во Газа
28 јули 2014Советот за безбедност на ОН апелираше до Израел и Хамас на безусловно положување на оружјето во Појасот Газа. Со гласовите на сите 15 членки Советот во текот на ноќта постигна согласност за резолуција со која се бара прекин на огнот за муслиманскиот празник Бајрам и по него.
Со тоа на луѓето во Појасот Газа треба да им се даде можност да примат итно неопходни прехранбени производи и помош. Истовремено, страните во конфликтот се повикуваат да вложат напори да постигнат одржлив прекин на огнот, до кој ќе се придржуваат сите страни. „Хуманитарното меѓународно право“ и заштитата на цивилното население мора да бидат почитувани, и да биде овозможена неопходна помош за луѓето кои страдаат во Појасот Газа, се вели во резолуцијата. Според дипломатите, оваа резолуција ја доставил Јордан, единствениот арапски член во Советот за безбедност.
Јавната итна седница на Советот за безбедност на ОН беше втората седница на највисокото тело на ОН поради конфликтот во Газа во рок од две недели.
И Обама бара прекин на огнот
Пред Советот за безбедност на ОН и американскиот претседател Барак Обама уште еднаш апелираше до страните во конфликтот да замолчи оружјето, соопшти претседателскиот кабинет во Вашингтон. Би морало веднаш да дојде до прекин на огнот од хуманитарни причини, рекол Обама во телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Долгорочно би морало да бидат разоружани екстремистичките групи и Појасот Газа да биде демилитаризиран, рекол Обама.
Спротивставени услови за прекин на огнот
По краткиот прекин на огнот вчера сите обиди за негово продолжување пропаднаа и покрај интензивните напори на посредниците од Обединетите нации и САД. Хамас соопшти „врз основа на недоволен ангажман“ на израелската страна, нападите продолжиле. Нетанјаху, од друга страна, смета дека Хамас со прекршувањето на напорите за прекин на огнот покажал дека не може да му се верува.
Двете страни во конфликтот имаат сосема спротивни услови за конечно положување на оружјето. Хамас бара да се стави крај на блокадата на Појасот Газа од страна на Израел и Египет, додека израелската страна бара демилитаризирање на Појасот Газа.
Во саботата (26.07) двете страни договорија дванаесетчасовен прекин на огнот, за жителите на Појасот Газа да бидат снабдени со нејнеопходното. Израелскиот кабинет за безбедност потоа донесе одлука за продолжување на прекинот на огнот за 24 часа. Хамас го одби тоа и продолжи да стрела ракети кон Израел. Вчера претпладне (27.07) и Израел ги обнови борбените дејства. Попладнето претставникот на Хамас, Сами Абу Сури, соопшти дека одружјето треба да замолчи за 24 часа. Оваа намера ја одби израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Израел „никогаш нема да ѝ дозволи на една трерористичка организација да одлучи кога е поволно да се стрела врз нашите градови, нашите луѓе, а кога не“, рече тој за американската телевизиска емисија „Fox News Sunday“.
Од почетокот на борбите пред три недели, според податоци на спасувачките сили, загинале повеќе од 1000 Палестинци, повеќето од нив цивили. На израелска страна биле убиени се речиси 50 луѓе, речиси исклучиво војници.