1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН: Асанж треба да биде ослободен

Б. Георгиевски/ап5 февруари 2016

Експертска работна група на ОН заклучи дека основачот на Викиликс е неправедно третиран од страна на Британија и Шведска. Бараат негово ослободување и компензирање

https://p.dw.com/p/1HqDY
Фотографија: Reuters/P.Hackett

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж е „арбитрерно притворен“ од страна на Британија и Шведска од декември 2010 година, и треба да биде ослободен и да добие компензација, утврди работна група за човекови права на Обединетите нации.

Експертската група која е дел од одделот на шефот за човекови права на ОН, своите наоди ги објави во документ на 18 страници, откако претходно го известила и Асанж.

Шведското обвинителство бара да го испраша Асанж во врска со сомнежите за силување кои се појавија по неговата посета на земјата во 2010 година, во периодот кога Викиликс привлекуваше големо внимание со објавувањето на тајни податоци на американската влада.

Асанж постојано ги негираше обвиненијата, но одби да се врати во Шведска и да се сретне со обвинителите, па откако Британија одлучи да го прифати барањето за екстрадиција, во 2012 тој се засолни во зградата на амбасадата на Еквадор во Лондон.

Во индиректна критика кон шведскиот правосуден систем, комисијата нотира дека Асанж никогаш формално не бил обвинет во Шведска- туку само ставен во прелиминарна истрага.

„Работната група смета дека различните форми на одземање на слободата на кои бил подложен Асанж претставуваат форма на арбитререн притвор“. Од Шведска и Британија се бара „да му го обезбедат правото на слободно движење на Асанж и да му овозможат правото на компензација“.

London Botschaft Ecuador Polizeibewachung
Британската полиција пред зградата на амбасадата на Еквадор во Лондон.Фотографија: picture-alliance/empics/D. Lipinski

Одлуките на групата не се обврзувачки за државите, иако генерално се сметаат за добар арбитер во меѓународното право. Обете држави ги отфрлија заклучоците.

„Изјавата од работната група нема никакво формално влијание врз тековната истрага, согласно шведското право“, изјави Карин Розандер, портпарол на шведското обвинителство.
Британското министерство за надворешни работи најави дека формално ќе го оспори мислењето на комисијата.
„Ова не менува ништо. Ние целосно го отфрламе секое тврдење дека Џулијан Асанж е жртва на арбитрерно притворање. Мислењето на работната група ги игнорира фактите и заштитата која ја нуди британскиот правен систем“, се наведува во изјавата.

Целиот случај го компликуваат и нејаснотиите околу легалниот статус на Асанж во САД. Владата на САД не открива дали тој е обвинет таму, но има индиции дека се води истрага против Асанж и Викиликс.