Олимпискиот сон неостварен
7 јули 2012
Македонија против фаворизираната Доминиканска Република одигра одличното прво полувреме. Првата четвртина Македонија ја отвори со серија од 10 поени, откако Доминиканската Република поведе со 0:2. „Црвено-жолтите“ демонстрираа цврста одбрана, го затворија најдобриот играч на противникот Хорфорд, имаа целосна контрола во скоковите, а во нападот играа мирно не дозволувајќи им на противниците да ја наметнат својата игра. Како резултат на оваа игра Македонија стигна до предност на две минути до крајот на четвртината, која заврши со највисоките 23:10 Мекејлеб и Самарџиски доминираа во првиот период со осум односно седум поени.
Двоцифреното водство избраниците на селекторот Марјан Лазовски го задржаа и по крајот на првото полувреме кое заврши со резултат 41:28, иако во еден момент пред крајот на вториот период имаа и убедливи 20 поени позитива или 37:17. Оваа предност беше остварена поради одличната одбрана против најдобриот играч на Доминиканската Република, НБА-ѕвездата Ал Хорфорд.
Во второто полувреме противниците влегоа во поентерска серија. Гарсија и Рамон реализираа неколку тројки, а под кошевите доминираа Мартинез и Хорфорд, па предноста на македонските кошаркари на крајот од третата четвртина се стопи на само два поени, а во последните 10 минути Доминиканците направија целосен пресврт потпомогнати и со неколку судиски одлуки кои беа на штета на македонските кошаркари, за конечен резултат од 86:76.
Ниту 35 поени на најдобриот играч на натпреварот Лестер Бо Мекејлеб не беа доволни Македонија да се пласира во полуфиналето. Бо имаше и 4 скокови и 2 асистенции. Дабл-дабл учинок имаше и центарот Предраг Самарџиски со 11 поени и 13 скокови, а двоцифрен ефект имаше и Владо Илиевски со 16 поени.
Кај Доминиканска република најефикасен беше Гарсија со 28 поени.
Македонија по овој пораз остана и понатаму без настап во колективен спорт на една Олимпијада, а следен голем настан на кој ќе играат кошаркарите е Европското првенство во Словенија идната година.