Олимпискиот карван си врви, расипувачите на забавата си лаат
7 август 2016
Веројатно не постои подобар момент за на светот уште еднаш да му се предочи опасноста што му се заканува од еколошките проблеми, од глобалниот хепенинг - свеченото отворање на олимписките игри во Рио: милијарди луѓе на сите меридијани и паралели го следеа преносот. Бразилските домаќини тоа го сторија на многу ефектен начин, со повеќе поенти – од онаа, дека секој учесник на игрите на церемонијалот на нивното отворање засади по едно дрво, преку сликата на петте олимписки кругови на кои израснаа зелени фиданки, до предупредувањето за судбината што ќе ги снајде Амстердам, Дубаи, Флорида, Лагос или самиот Рио ако не се спречи порастот на нивото на океаните и морињата. Тие – и многу други големи и густо населени области во светот - ќе се најдат под вода; порастот на морското ниво ќе биде неизбежна последица од натамошното, во последниве деценија-две веќе забрзано топење на наслагите од мраз и снег на Антарктикот, но и воопшто во светот, поради глобалното затоплување. Грижата за зачувување на нашата природна околина е грижа за опстанокот на човештвото. Но, човештвото, односно оние кои го претставуваат и решаваат (најчесто токму во негово име), и натаму размислуваат краткорочно. Акутните проблеми, колку и да се сериозни, не смеат да го замаглат погледот врз проблемот што е од егзистенцијално значење за сите.
Своевидна иронија на судбината е дека токму Рио и Бразил предупредија на еколошките проблеми, а самите се гушат во нив и не е ни на повидок дека ќе ги решат. Рио не ја реализира преземната обврска за инфраструктурен зафат за позначително да се намали загаденоста на морето и заливот Гуанабара фактички остана јавна клоака на градот, во која ќе се одржат натпреварите во едрење. Уништувањето на прашумата во амазонскиот предел, кого го означуваат како „бели дробови“ на планетата Земја, продолжува со несмалено темпо. Последиците од тоа не го засегнуваат само Бразил. Ако државата не може сама да излезе на крај со тој проблем, треба да ѝ се помогне. Но, маратонските самити за заштита на климата под покровителство на ОН покажуваат колку е тешко да се најде најмал заеднички именител за различните интереси на развиените, земјите во подем и земјите од Третиот свет. А ако тешко оди постигнувањето каков-таков договор, уште потешко е со неговата реализација.
Олимписките кругови на допинг-пеколот
Допинг-проблемот како ехо од претходните зимски и летни олимпијади, стави голем знак прашалник над игрите во Рио. Громогласното барање за комплетно исклучување на Русија поради наводен државно организиран систематски допиг на спортистите, не помина во целост. . Шаренилото на одлуките сведочи и за тоа во кои спортови е допингот пораширен, како и за односот на одреден спортски сојуз кон него. Но, најверојатно е присутен насекаде, можеби само во различна мера.
Поимот допинг, кој потекнува од втората половина на 19. век, првобитно означувал давање комбинација од опиум и наркотици на тркачки коњи. Примената кај спортисти започнува во 30-те години на 20. век, по откритието на синтетички хормони. А мамење со цел да се победи (посилниот) противник е забележано уште во античките олимпијади. Значи, го имало, го има и, за жал, и натаму ќе има обиди со нечесни средства да се дојде до победа. За поздравување се напорите за негово спречување – во интерес на здравјето на спортистите и на спортската етика.
Кој е чист, нека се јави!
Олимпиското движење стриктно се декларира против мешање на политиката во спортот, но и во него се водат разни политики. Каде има политика, има и лицемерие. И во критиката на одлуката на МОК против колективно казнување на руските спортисти, колку и да е добронамерна, има лицемерие. Во барањето мотив за неисклучувањето на Русите, заговорниците го спомнуваат пријателскиот однос на претседателот на МОК Томас Бах со претседателот на Русија Владимир Путин. Руската страна контрира дека барањата за исклучување од олимпијадата и барањата на Русија да ѝ се одземе организацијата на СП во фудбал 2018 поради наводно подмитување при донесувањето на одлуката за доделување на организацијата, биле дел од поширока политичка кампања и притисок врз Русија.
Никој не поаѓа од претпоставката дека Бах, поранешен олимпски шампион во мечување, како и другите високи функционери на МОК се свесни оти допингот не е само руска специфика - иако таму можеби имал и државна поддршка. Ни тоа на би било новост ако се има предвид примерот со некогашната Источна Германија. Но, примери за помалку или повеќе организирани мрежи за допинг, ако не со експлицитна државна поддршка, тогаш со гледање низ прсти, има од разни страни, дури и од онаму, од каде доаѓаа најгласни барања за исклучување на Русите - а потоа и најгласни протести поради дозволата за нивното ограничено учество.
Допинг на сите нивоа - од аматери до врвни спортисти
Во самата Германија речиси цела деценија, заклучно со 2015. година, не можеше до крај да биде расчистен случајот со Институтот за спортска медицина при Медицинскиот факултет во Фрајбург, кој на големо советувал водечки спортисти како да се допингуваат без тоа да биде откриено.
Уште поголем е скандалот со докторот Еуфемијано Фуентес во Шпанија, клучна фигура во масовно раширениот допинг во велоспипедскиот спорт. Но, се спомнуваше негова врска и со фудбалските клубови Реал Мадрид, Барселона, Валенсија... можеби и таму треба да се бара причината што ни тој скандал не доживеа вистинска разврска. Седумкратниот победник на Тур д`Франс Ленс Армстронг го призна гревот дека се допингувал. И Јан Улрих до триумфот на Турот исто така дошол со користење допинг.
На американската атлетичарка Мерион Џонс ѝ беа одземени пет олимписки медали, на нејзиниот сонародник Тим Монтгомери му е избришан светскиот рекорд на 100 метри, токму како и рекордот и олимпиското злато на канадскиот спринтер Бен Џонсон. Суспендиран на одредено време беше и Џастин Гејтлин и редица други водечки американски атлетичари. САД го имаа и скандалот БАЛКО, поврзан со креирање нови супстанци за неказниво допингување. Големите грчки атлетски ѕвезди, носители на медали од ОИ во Сиднеј, Екатерина Тану и Костас Кентерас, буквално избегаа од допинг-контрола, а со тоа и од олимпијадата во Атина непосредно пред таа да почне.
Бокс, борење, џудо, пливање, тенис... за кревањето тегови и да не зборуваме, зимските спортови се приказна за себе.
И фудбалот не е невин. Наводно речиси сите играчи на Олимпик Марсеј користеле такви средства спроти финалето на Купот на европските шампиони против Милан. Со допинг беше фатен и Диего Марадона. Сега се открива дека во 80-те години и фудбалската репрезентација на Германија користела недозволени стимулативни средства. Тоа барем една деценија и не така одамна се практикувало и во клубови од првата и втората Бундеслига.
Долг е овој жален список. Но, уште позагрижувачки е податокот што го сретнав деновиве, дека половината од спортистите-аматери во Германија користат стимулативни средства!
Цинизам без преседан
Затоа, одлуката на МОК може да се чита како повторено „The show must go on“ (Шоуто мора да продолжи - зборови на тогашниот претседател на МОК Евери Брендиџ по терористичкиот масакр на олимпијадата во Минхен 1972). Цинизам без преседан е само дека на свиркачот Јулија Степанова, која јавно проговoри за руските допинг-практики, ѝ е забрането учество на олимпијадата „во кош“ со сите други руски атлетичари! Таа испадна „расипувач на забавата“. А од антички времиња е познато: „Ipsi hostes proditоrem patriae contemnunt“ („Дури и непријателот го презира предавникот на татковината“).