1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олимписки игри - Берлин 1936

Луц Кулинг 15 јули 2008

Хитлеровиот нацистички режим ги искористи Олимписките игри во 1936-та година за да се претстави пред светот во убава светлина. Но, уште претходно режимот со го покажа вистинското лице.

https://p.dw.com/p/Ectc
Насловна страна на списание за Олимписките игриФотографија: picture-alliance / akg-images

„Ги прогласувам за отворени игрите во Берлин во слава на 11-тата олимпијада од новата ера“.

Рајхсканцеларот Адолф Хитлер ја изговори официјалната формула за отворање на игрите на 1-ви август 1936-та година на олимпискиот стадион во Минхен. Организацијата му беше доделена на Берлин пет години порано, во време кога Вајмарската република уште, иако со мака, ги држеше во шах Национал-социјалистичката германска работничка партија и нејзините следбеници во кафени униформи. Во меѓувреме веќе беа спалени книгите на жигосаните автори, а со нирнбершките закони за расите беа обесправени еврејските сограѓани.

Волк во јагнешка кожа

Но, Третиот рајх се презентира како волк во јагнешка кожа. Манфред Лемер, историчар од Германскиот факултет за спорт во Келн анализира „Од мој агол на гледање, во игрите немаше пропаганда - и во тоа се состои пропагандата. Токму во тоа беше итрината. Национал-социјалистите рекоа - ќе им го препуштиме тоа на стручњаците, на Дим и Левалд. И кога светот потоа ќе види како минаа игрите, тие за нас ќе бидат многу поголем пропаганден успех, отколку ако таму држиме политички говори“.

Таквото маскирање успеа речиси перфектно. Од излозите исчезнаа хајкашките весници како „Штирмер“ („Напаѓач“), внимателно беше избегнувана каква било дисхармонија. Организациониот комитет предводен од Карл Дим и Теодор Левалд, со речиси неограничени средства, подготви олимписки борилишта и придружна програма за суперлативи.

Идеологијата беше видлива

И сепак, зад тоа повремено се пробиваше идеологија „Во средината четворица белци. Двајца црнци против четворица белци. Двајца Европејци, тројца - заедно со Шведска, против тројца Американци. Америка против Европа, борбата почнува“.

Инаку, веќе тогаш одвај да можеше да постои сомневање во борбената готовност на фирерот и неговата влада, укажува Рајнхард Рируп, историчар на спортот од Берлин. „На крајот на август, непосредно по олимпијадата, беше усвоен четиригодишен план, со кој се предвидуваше армијата по 4 години да биде способна да дејствува, а германската економија да биде подготвена за воени услови. Ситуацијата, значи, беше сосем недвосмислена“.

Сјајна Олимпијада со голем број рекорди

Сепак, игрите само по себе беа сјајни, со перфектна организација и поплава од рекорди, при што Германија беше убедливо доминантна со 33 златни медали. Но, најистакнат спортист беше Џеси Овенс, Американец-црнец, кој освои 4 златни медали во спринтерските дисциплини и во скок во далечина. „Еден Џеси Овенс, на пример, рече дека никогаш во животот не бил толку искрено и срдечно славен како во берлинскиот олимписки стадион, но кога се вратил дома сепак не смеел да влезе во најголемиот број гостилници и ресторанти. Тешко дека ќе најдете некој спортист кој има на било кој начин непријатни сеќавања на игрите од 1936-та. Но, ние знаеме дека тоа беше само половина од вистината“.

Олимпијадата неможеше ништо да промени

Манфред Лемер ги зема во заштита спортистите, на кои отпосле им беше префрлувано за недоволна дистанца спрема нацистичкиот режим. Тој укажува и на фактот дека на само неколку недели пред Хитлеровиот напад врз Полска, Меѓународниот олимписки комитет реши зимската олимпијада 1940-та, наместо во Санкт Мориц, повторно да се одржи во Гармиш Партенкирхен. „Комитетот едногласно го донесе решението во Лондон токму оти игрите во 1936-та беа толку успешни“.

Ќе имаше ли некакво влијание бојкот или одземање на организацијата на игрите на Берлин? „И да ги немаше игрите, тој терористички режим немаше да се откаже од подготовките за војна. И без Олимпијадата ќе дојдеше до геноцид - текот на историјата со сигурност немаше да се промени“ - вели историчарот Рајнхард Рируп.