1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олеснување поради отворањето на границите на САД

Клаус Улрих
8 ноември 2021

Крајот на дваесетмесечната забрана за влез во САД ги радува не само туристите, туку и германската економија. САД се еден од најважните трговски партнери.

https://p.dw.com/p/42i8O
USA | Wiederöffnung der Grenzen für Reisende
Фотографија: Frederic J. Brown/AFP/Getty Images

Целосно вакцинираните и дополнително тестираните граѓани на ЕУ од денеска, по речиси година и половина, повторно може да патуваат во САД. Забраната за влез донесена поради пандемијата на коронавирусот заврши денеска (08.11.2021).

Многу германски компании здивнуваат со олеснување, вели Фолкер Трајер, шеф на одделот за надворешна трговија во Германската индустриска и трговска комора (ДИХК). „За германската економија САД се најважната земја за инвестиции, како и најзначаен извозен пазар и истовремено трет најголем трговски партнер“, објаснува Трајер за ДВ.

Повеќе: Коронавирус: САД ги креваат рампите за влез на вакцинирани патници

Поради забраната за влез, особено на техничари и инженери, не се реализирани важни договори, вели Трајер. „Нашите најнови истражувања покажуваат дека 73% од германските претпријатија во Северна Америка се погодени од ограничувањата на патување, како и проблемите со снабдување, односно логистиката.“

Повеќе: Германската економија со загуба од 250 милијарди евра

Околу 35% од германските компании во САД велат дека поради рестрикциите во 2021 година морале да се откажат од инвестиции или да го одложат инвестирањето. Сега, со укинувањето на забраната за влез, потенцијалите на германско-американските трговски врски би можеле повторно да бидат значително подобро искористени, сигурен е Трајер.

Според наводи на ДИХК, повеќе од 5500 германски фирми имаат свои претставништва во САД, имаат создадено речиси 900.000 работни места и генерираат вкупен обрт од околу 532 милијарди долари. Во билатералниот трговски волумен од околу 171,5 милијарди евра, германскиот извоз е во висина од 103,8 милијарди евра. Околу 8,6% од германскиот извоз, токму во клучните индустриски гранки како автомобилската индустрија, хемијата, електрониката и машинството, одат во САД. Втор по важност пазар за извоз за Германија е Кина, каде одат 8% од германските стоки. Што се однесува до увозот, Кина е на прво место - од таму во Германија се увезуваат 11,4% од стоките. САД, по Холандија, се на трето место со 6,6%.

Infografik Deutschlands wichtigste Handelspartner EXPORT DE
Најважни трговски партнери на Германија (извоз во 2020 година, изразен во милијарди евра)