1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оланд во ненајавена посета на Авганистан

ЖА/дв/миа25 мај 2012

Францускиот претседател Франсоа Оланд во неколкучасовната посета на Авганистан се сретна со француските војници за да им го објасни планот за нивно предвремено повлекување.

https://p.dw.com/p/152Eu
Фотографија: Reuters

Повлекувањето на француските војници од Авганистан ќе се спроведе во координација со сојузниците на Франција од НАТО, изјави францускиот претседател Франсоа Оланд.

Според него, францускиот контингент ќе се повлече во „атмосфера на взаемно разбирање со сојузниците“, особено со претседателот на САД Барак Обама.

Претседателот ова го изјави за време на кусата посета на базата Ниџаб во провинцијата Каписа, каде се распоредени повеќето француски војници во земјата. Тој беше придружуван од министрите за одбрана Жан-Ив Ле Дриан и за надворешни работи Лоран Фабиус, како и од началникот на Генералштабот на француските вооружени сили Едуар Гио.

Француските медиуми јавуваат дека Оланд сакал лично да им објасни на француските војници зошто одлучил да ги повлече предвремено кон крајот на оваа година, една година порно отколку што планираше неговиот претходник Никола Саркози и две години пред рокот определен за останатите сили на НАТО.

„Тоа е суверена одлука. Единствено Франција може да донесе одлука, која ја засега неа“, рече Оланд.

„Терористичката закана од Авганистан за нашата територија, како и за териториите на на сојузниците, не е целосно исчезната, но е делумно намалена“, смета францускиот претседател.

Тој напомена дека Франција не ги прекинува врските со Авганистан, нагласувајќи дека земјата ќе продолжи да работи на проекти за развој на зоните Каписа и Суроби, за кои се одговорни француските сили во составот на ИСАФ.

„Иднината на Авганистан нема да биде одредена од сојузниците, туку исклучиво од самите Авганистанци, тие ќе чекорат по патот, кој слободно ќе го изберат“, истакна Оланд.