1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Односите Србија-БиХ дополнително заладени

Ивица Петровиќ/ Симе Недевски11 декември 2012

Претседателот на Србија Томислав Николиќ и претседавачот со Претседателството на БиХ, Небојша Радмановиќ во Белград разговараа за односите меѓу двете земји. Аналитичарите во Србија не очекуваат некој значаен напредок.

https://p.dw.com/p/16zk9
Претседавачот со Претседателството на БиХ, Небојша РадмановиќФотографија: Klix.ba

Односите на Србија со Босна и Херцеговина, по промената на власта во Белград се во некој вид натамошно заладување. Официјални контакти на челниците на двете држави речиси и да не постојат, а сето тоа е проследено со размена на извесен број остри изјави од двете страни, кои само дополнително го оневозможија политичкиот дијалог. Драган Ѓукановиќ, член на Форумот за меѓународни односи истакнува дека односите меѓу Србија и БиХ стагнираат практично од 2005 година наваму.

„Така што во моментов не постои никаква иницијатива врз основа на која би можеле да укажеме дека суштински доаѓа до некој значаен напредок во тие билатерални односи. Иако постоеше обид во рамките на турската трилатерална иницијатива да се оддржи заеднички состанок на членовите на Претседателството на БиХ и претседателот на Србија, тоа не се случи поради отвореното писмо на членот на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ по повод изјавата на српскиот претседател Томислав Николиќ. Значи сега навистина може да се каже дека во наредниот период не можеме да очекуваме суштински напредок на билатералните односи“.

Патишта за релаксирање на односите

Посетата на Небојша Радмановиќ во таа смисла е една од ретките средби меѓу официјални претставници на Србија и на БиХ. Драган Ѓукановиќ оцени дека на посетата пред се’ мора да се гледа како на некој вид подготвителна работа за воспоставување нормален дијалог меѓу двете држави.

Фактот дека Небојша Радмановиќ во Белград дојде сам секако не говори позитивно за степенот на односи меѓу Србија и БиХ, но Ѓукановиќ предупредува дека врз основа на тоа не можат да се извлекуваат некои пошироки заклучоци.

Serbien Präsident Tomislav Nikolic
Претседателот на Србија Томислав НиколиќФотографија: picture-alliance/dpa

„Тој факт говори дека повторно во моментов не треба да се пренагласуваат ни односите меѓу Белград и Бања Лука, бидејќи како што видовме во изминатиот период немаше некои позначајни средби меѓу новите власти во Србија и претставниците на Република Српска. Така што во моментов може да се очекува дека и Белград постепено ќе го прифати фактот за неопходност од интензивирање на дијалогот и со централните власти на БиХ, а секако во иднина и со властите на Федерацијата БиХ“.

Наскоро нова политика кон БиХ?

Сосема сигурно дека врз моменталниот степен на односи меѓу Србија и БиХ влијаеше и изјавата на српскиот претседател Томислав Николиќ дека „БиХ полека исчезнува пред нашите очи“, смета Драган Ѓукановиќ.

„Таа, иако постоеше јасно објаснување од кабинетот на српскиот претседател дека тој не мислел дека БиХ исчезнува како држава, туку оти поради сегашната состојба таа е практично блокирана држава, навистина предизвика бура реакции. Пред се’ во Сараево. Таа изјава на определен начин го забави подобрувањето на односите меѓу Белград и Сараево“.

Српските власти поради некои други приоритети можеби не се занимаваа со односите со Босна и Херцеговина, но наскоро секако може да се очекува ново дефинирање или поточно редефинирање на политиката на Белград кон Сараево, оценува Ѓукановиќ. Поради тоа би требало да се очекува во догледна иднина да дојде до неколку многу значајни средби на кои би се укажало на горливите проблеми и начините за нивно надминување“, заклучува Ѓукановиќ.