Односите Германија-САД уште изгледаат солидно
30 август 2017Пред германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел да седне на разговори со државниот секретар на САД Рекс Тилерсон на набрзина организираната вчерашна средба во Вашингтон, тој се потпиша во книгата на гости во Стејт департментот.
Но дури и ако е учтивост, овој потег претставува знак дека се чини оти Габриел и Тилерсон, кој ја презеде функцијата на почетокот на годината, имаат воспоставено солидни работни односи. Тоа не треба да се сфати како малку значајно, со оглед дека пошироките трансатлантски односи се под постојан притисок од инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп во јануари.
Но, барем што се однесува до највисоките дипломати од Берлин и од Вашингтон, се чини дека постои заедничко разбирање за клучните прашања со кои се соочуват двете земји, поента која германскиот министер за надворешни работи постојано им ја повторуваше на новинарите по разговорите со неговиот американски колега.
Осуда за Северна Кореја
На разговорите во Вашингтон се дискутираше и за најгорливата тема - Северна Кореја. Габриел притоа го осуди последниот тест на проектили на Пјонгјанг над Јапонија како провокација и го поддржа повикот на Вашингтон за итна седница на Советот за безбедност на ОН. Северна Кореја, изјави Габриел, сѐ уште не сфаќа дека меѓународната заедница е во целост согласна оти не само што мора да запрат ракетните тестови, туку и сите програми за нуклеарно вооружување на Пјонгјанг.
За новите санкции против Русија од страна на Конгресот на САД, кои тој и другите европски политичари предходно остро ги критикуваа, Габриел направи посуптилна забелешка во Вашингтон. Додека од една страна тој ја потврди европската загриженост дека американските санкции може да доведат до „ненамерни последици" за европската економија, од друга пак му се заблагодари на претседателот на Доналд Трамп за изјавата дека ќе разговара за какви било мерки со европските сојузници.
Германскиот министер за надворешни работи уште изјави дека Берлин е задоволен оти администрацијата Трамп назначи специјален претставник за Украина, кој ќе соработува со Германија во врска со тековниот конфликт во земјата. Тој, исто така, ја истакна неопходноста за прекин на огнот и повлекување на тешкото оружје од источна Украина.
Притисок врз Техеран
Габриел, се осврна и на нуклеарниот договор со Иран, кој администрацијата на Трамп го смета за многу негативен. Тој истакна дека Берлин сака договорот да опстане, но и оти Германија - заедно со Франција, Велика Британија и САД - е подготвена да изврши притисок врз Техеран целосно да ги почитува сите детали утврдени со договорот.
Дали Тилерсон и Габриел и во иднина ќе се среќаваат толку често како во последниве шест месеци, останува непознаница. И тоа не само поради тоа што Германија за неполни четири недели оди на избори и никој со сигурност не може да предвиди како ќе изгледа наредниот владин кабинет, туку и поради тоа што продолжуваат шпекулациите дека Тилерсон, кој во последно време се дистанцира од претседателот Трамп, нема уште долго да биде на функцијата.