1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одмор во туѓи кревети

Шарлоте Зомер/ Александра Трајковска5 декември 2013

Градовите Париз, Барселона, Берлин привлекуваат милиони туристи. Многу од нив преноќуваат во приватни станови. Но, многу станови не се пријавени и приходите не се оданочуваат. Вo градовите се создава отпор.

https://p.dw.com/p/1ARYK
Bildergalerie Deutsche Großstädte am Abend
Фотографија: Fotolia/Marco2811

Краток одмор во Берлин. Оваа брачна двојка од Данска си изнајми стан, две соби, околу 65 метри квадратни. По налог на сопственикот со станот управува Јерг Пренгеман - услужна дејност која е многу барана.

Сѐ повеќе жители на омилените метрополи ги издаваат своите приватни станови на туристи. Настана сосем нов пазар.

„Наместо хотел претпочитаме апартман, што дава поголема приватност“.

За четири ноќевања тие плаќаат 286 евра - доколку станот добро се издава месечно се заработуваат 2000 евра. За изнајмувачите тоа е доходовен бизнис.

„Сопственикот живее во Тел Авив. Имаме сопственици во Грција, Италија, Франција, многумина Германци кои ретко живеат во Берлин, бидејќи тука доаѓаат само на одмор“, вели Јерг Пренгеман од СЦП сервисот за станови за изнајмување.

Апартманите се наоѓаат во центарот, во омилената берлинска тренд-населба Фридрихсхајн. Со откупување поранешните станови за изнајмување станаа сопственички станови. Новите сопственици можат со апартманите за одмор да заработат речиси трипати повеќе отколку со регуларна кирија.

Бумот го потикнаа интернет порталите - кај најголемиот германски понудувач има повеќе од 100.000 станови и соби, покрај другото и во Лондон и Њујорк. Тој портал тројно го зголеми својот годишен обрт.

Bildergalerie Bilderrätsel Berlin Alexanderplatz Fernsehturm
Фотографија: Fotolia/pankow

Во градовите сега многумина стравуваат од уште поголем недостиг од станбен простор, ако сѐ повеќе станови се пренаменуваат за други цели. Во интернет-порталот имаат спротивно мислење.

„Во Берлин конкретно недостасуваат околу 40.000 станови. Сите портали кои нудат преноќувања имаат можеби 2.500 станови во понудата. Ако тие навистина би биле забранети, тогаш на пазарот би дошле 250, максимално 400 станови. Другите никогаш ни не биле на располагање на пазарот“, вели Роман Бах од интернет порталот 9flats

Според проценките, меѓутоа, бројката е многу повисок - околу 14.000 станови. А пазарот и натаму расте. Од правен аспект овој бизнис доаѓа до самите граници. Многумина воопшто не пријавуваат дека издаваат стан.

„Се разбира не може генерално да се каже дека секој смее да го прави тоа; зависи од договорот за изнајмување и дали станува збор за сопствен стан. Ако го правам тоа како самостојна дејност, треба да имам потврда за извршување на дејност и да плаќам даноци“, истакнува Бах.

Во Берлин гостите остваруваат околу 20 милиони преноќувања годишно. Особено се омилени становите за одмор во центарот на градот.

Како овде, спроти Рајхстагот. Во овој станбен блок од времето на поранешната Источна Германија речиси секој трет стан се изнајмува за туристи. Честопати на групи кои доаѓаат на одмор.

Сега жителите се бранат оти стана бучно во нивните згради.

„Поради групите повеќе пати викав полиција, оти сето траеше до доцна во ноќта, до два или три часот. Мислев, мора еднаш да се уморат од пијанчењето, да си легнат, но ништо, тие издржуваат. Тогаш не ми преостанува ништо друго освен да викнам полиција“, се жали станарка во зграда каде се изнајмуваат станови

Градот сега размислува да го запре приватното изнајмување. Но, можат ли така да се решат проблемите? Управникот на становите за одмор Јерг Пренгеман би останал без работа и би морал да отпушти шест соработници. Тој се надева на компромис. „Контролирана комбинација секако би била подобра отколку комплетна забрана“.

Сенатот во Берлин планира да гласа за забрана за приватното издавање станови уште пред крајот на годинава.