Одложено изнесувањето на доказите против Младиќ
17 мај 2012Претседавачкиот судија Алфонс Ори рече дека исказот на првиот сведок ќе биде одложен, поради тоа што обвинителството направило грешка, доцнејќи со предавањето на доказите на одбраната. Одбраната на Младиќ поради тоа бараше доказната постапка да биде одложена за шест месеци.
Ори посочи дека судиите се‘ уште го анализираат „спектарот и целосното влијание“ на грешката. Ори уверува дека ќе се обиде да утврди нов датум за процесот „колку што е можно поскоро“. Обвинителите веќе ги признаа грешките што дозволиле да се случат и не приговорија против одложувањето на процесот.
Во последниот дел од завршните зборови, обвинителот Питер Меклоски рече дека командантот на војската на Република Српска бил „опседнат со уништување на муслимани“. Како доказ тој ги цитираше зборовите на Младиќ: „можете да опстанете или да исчезнете“, искажани на состанок на 11-ти јули 1995-та година со претставник на сребреничките муслимани. Снимката ќе биде прикажана во текот на судењето.
Преместување на масовни гробници
Истата вечер, според застапникот на обвинението, Младиќ донесол одлука да се издвојат и убијат околу 1.000 мажи од Сребреница, кои со жените и децата побарале пробежиште кај базата на УНПРОФОР во Поточани. Следното утро на Младиќ блискиот офицер, Вујадин Поповиќ, му пренесол на подредениот Момир Николиќ дека тие затвореници ќе бидат убиени. Трибуналот веќе го осуди Поповиќ на доживотен затвор поради геноцидот во Сребреница, а Николиќ, кој ја призна вината, на 20 години затвор поради учество во убиствата.
Меклоски рече дека наредбата на Младиќ била спроведена следните денови, муслиманите биле убиени, а 25.000 жени и деца од Поточани биле протерани во Тузла. Во следните денови систематски се стрелани 6.000 муслимански затвореници, по што биле закопани во масовни гробници.
„Есента Младиќ и Караџиќ одлучиле масовните гробници да бидат ексхумирани, а телата да бидат преместени во повеќе помали гробници на непристапни места, за да не бидат пронајдени од НАТО и трибуналот... Младиќ лично одобрил големо количество гориво за таа операција“, нагласи Меклоски.
По убиства на свадба
Цитирајќи делови од белешките на Младиќ, тужителот Дермот Грум наведе дека командантот на УНПРОФОР Руперт Смит на 15-ти јули во Белград го предупредил Младиќ за „гласините за колежи во Сребреница“.
„Што направил Младиќ? Следниот ден отишол на свадба“, рече застапникот на обвинението. Грум на крајот од завршните зборови ги повика судиите да им ја дадат вистината на народите во БиХ за сето она што Младиќ го направил.
Обвинението за 69-годишниот генерал Младиќ е составено од 11 точки и него го сомничи за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војување. Тој се обвинува за прогонот на муслиманите и Хрватите од 20 општини во Босна и Херцеговина, тероризирање на населението во Сараево со артилериски и снајперски напади, како и за геноцидот на над 7.000 муслимани во Сребреница.