1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одложена и средбата со Иванов и оставката на Давитковски

Катерина Блажевска19 јули 2013

Комисијата доби гратис-период од три-четири дена да ги усогласи ставовите за настаните од 24 декември, пред Давитковски да ја депонира оставката

https://p.dw.com/p/19Aj7
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, под чие покровителство е формирана Комисијата за настаните од 24 декември 2012 година, поради презафатеност денеска не се сретна со нејзиниот претседател, Борче Давитковски (на фотографијата горе). Поради тоа, Давитковски го одложи депонирањето на оставката до почетокот на идната недела, кога дефинитивно треба да се сретне со Иванов и лично да му ги образложи причините за својата намера.

„Ставовите во Комисијата се толку спротивставени, што не гледам излез од таа ситуација. Не е важно дали јас ќе дадам оставка. Ако тие решат да се договорат, тоа може да го направат и со мене и без мене", вели Давитковски.

Политичките аналитичари велат дека денешната епизода не е „случајна". Тие во неодржаната средба Иванов -Давитковски и во одложената оставка гледаат (добро)намерен обид за обезбедување дополнително време, со цел членовите на Комисијата уште еднаш да ги преиспитаат своите позиции.

Рововски позиции

Оставката на Давитковски беше мотивирана од фактот што членовите на експертската Комисија, заглавени во рововски позиции, не успеаја да постигнат согласност околу предложените заклучоци и препораки. Иако извештајот беше готов веќе десетина дена, неговото финално „пеглање" заглави околу некои формулации, кои според членовите од ВМРО-ДПМНЕ биле преостри, а според СДСМ - преслаби. Во таква ситуација претседателот на Комисијата топката ја префрли на партиски терен и побара тие да си ги усогласат ставовите.

Членот на Комисијата, Љубомир Фрчкоски, вели дека подготвиле добар извештај во рамките на мандатот и со консензус за сите правни квалификации.

„Но, за жал, недостигаше политичка волја да се оствари мандатот на Комисијата во делот на разгледување на уставните аспекти на одредени постапки", вели воздржано Фрчкоски.

Според партиски извори, зад оваа дипломатска изјава на Фрчкоски, се крие фактот дека проблематична била содржината на две формулации од препораките 7 и 11, кои се однесуваат за исфрлувањето на пратениците и новинарите од Собранието, а кои требало да го добијат епитетот „противуставно" .

Mazedonien Zwischenfall im Parlament von Skopje
Исфрлањето на новинарите од собраниската сала на 24. декември 2012 годинаФотографија: MAKFAX

Од кругови во ВМРО-ДПМНЕ кусо велат дека „работата на Комисијата била коректна, дека има солиден квантум од усогласен материјал и дека во партијата постои интерес да се заокружи процесот".

Последен рок -14 август

Давитковски подготвил 11 препораки и три заклучоци за случувањата поврзани со инцидентите во Собранието на седницата кога се носеше буџетот за 2013 година. Со нив одговорноста била поделена - кај власта во однос на исфрлањето на пратенциите и новинарите, а кај опозицијата за блокирањето на работата на Собранието. Неофицијално, една од препораките била дека собраниската служба за безбедност треба да биде посебна, надвор од „капата" на МВР.

Дипломатски извори упатени во работата на комисијата велат дека претседателот на Комисијата „одлично ја завршил работата".

„Неговата посветеност на работата и квалитетот на подготвениот извештај за жал во последен миг паднаа во сенка на спротивставени ставови, кои непродуктивно го одложија неговото усвојување. Не е предоцна, се уште има време да се надминат разликите и да се дојде до консензус", велат тие.

Последниот рок Комисијата да го усвои и поднесе извештајот е 14 август.

Во спротивно, ќе се потврдат шпекулациите дека Давитковски заминува од Комисијата со впечатокот дека ВМРО-ДПМНЕ знае што не сака, а СДСМ не знае што сака.