ОДИХР ќе набљудува и еднопартиски избори во Македонија
17 мај 2016Мисијата на ОДИХР веројатно за првпат во својата историја, од 1991 година наваму, ќе набљудува еднопартиски избори во земја-членка на ОБСЕ. Во изјава за ДВ, портпаролот на ОДИХР, Томас Ример вели дека мисијата ќе остане и ќе продолжи да го набљудува изборниот процес без оглед на фактот што на гласачкото ливче за изборите на 5 јуни се наоѓа само една политичка партија: ВМРО-ДПМНЕ.
„Не верувам дека досега имало случај да набљудуваме изборен процес во кој само една партија била регистрирана, но немало ни случај во кој ОДИХР ја повлекол својата набљудувачка изборна мисија во случај да била регистрирана само една партија“, објаснува Ример за ДВ.
Канцеларијата на ОБСЕ за Демократски институции и човекови права (ОДИХР) досега следела над 300 изборни процеси.
Мисијата ќе остане во Македонија, а конечната оценка ќе се базира врз факторите кои одлучуваат дали процесот е спроведен според стандардите на ОБСЕ и другите меѓународни стандарди за демократски избори. Со други зборови, сѐ што се случува пред и на денот на изборите, ќе биде земено предвид во конечниот извештај.
Во вториот прелиминарен извештај објавен минатата недела, мисијата оцени дека политичката атмосфера во земјата останува тензична. За влошување особено придонесла аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов од 12 април. Во извештајот се наведува дека биле добиени веродостојни наводи за притисок врз вработените во јавниот сектор да учествуваат на контрадемонстрациите, вклучително и закани за прекин на вработувањето.
Во извештајот се критикуваа и водечките телевизии во земјата Алфа, Канал 5, Канал 5+, Сител и Нова, кои според анализата не известувале објективно, правично и непристрасно. Овие медиуми, притоа, ја координирале и нивната уредничка политика.
„ОДИХР беше поканет од властите да ги следи парламентарните избори закажани за 5 јуни, и со оглед дека тие избори сѐ уште се планирани, мисијата ќе продолжи да набљудува и да ги оценува настаните и состојбата тука“, вели Томас Ример.