Одбројувањето за Мундијалот започна!
До почетокот на Светското фудбалско првенство 2014 во Бразил остануваат околу три месеци. Временскиот притисок е огромен, зашто некои од стадионите уште не се готови. Сепак, расте радоста во пресрет на натпреварите.
Отворањето на Мундијалот под прашалник?
Мундијалот е замислен како незаборавна манифестација. На 12 јуни 2014 година Бразилците во првата игра ја дочекуваат хрватската фудбалска репрезентација во Сао Паоло. Натпреварот треба да се игра на стадионот Итакеро, кој уште до крајот на 2013. требаше да и‘ биде предаден на ФИФА, но се случи трагичен инцидент.
Пад на кран
На 27. ноември кран се урна на покривната конструкција и оштети делови на стадионот во Сао Паоло, при што загинаа двајца градежни работници. По несреќата излезе на виделина дека градежната фирма на своја рака ги променила плановите за стадионот, без да побара дозвола. Стадионот треба да биде готов до средината на мај, еден месец пред отворањето на Светското првенство.
Итакеро не е осамен случај
Градежните работи се одолговлекуваат не само во Сао Паоло, туку и во Куритиба (на фотографијата) и во Куиаба. Последнава локација дури е пред испаѓање. Но, по жолтиот картон од ФИФА, во Куиаба е зголемен бројот на работници за 40 проценти. „Не постои друго решение, освен оној во Куиаба да биде еден од 12-те стадиони за Мундијалот“, изјави Жером Валке, генерален секретар на ФИФА.
„Вистински предизвик“
ФИФА е посебно загрижена за три градови, каде во изградба три месеци пред отворањето на Мундијалот не се само стадионите, туку и голем дел од инфраструктурата. „Тоа ќе биде вистински предизвик, зашто не само што треба да ги провериме стадионите, туку и инфраструктурата. На 12. јуни очите на цел свет ќе бидат вперени во нас“, вели Валке (на фотографијата).
Постојани протести
Луѓето во Бразил и понатаму излегуваат на протести против мега-манифестацијата. Најголемото незадоволство е насочено против потрошените милијарди за изградба на стадиони. Бразилската влада инвестираше вкупно околу 8 милијарди евра во објекти за Светското првенство во фудбал. ФИФА очекува протести и за време на Мундијалот.
Влезниците за Мундијалот се барани
Интересот за Мундијалот е голем и покрај протестите и проблемите со изградбата на стадионите. „Побарувачката на влезници ги урна сите рекорди и ги надмина очекувањата“, се радува заменикот министер за спорт, Луиз Фернандез. „Постои побарувачка од над 14 милиони влезници од цел свет, во најголем дел од навивачи од Бразил“. За вкупно 64 натпревари на располагање се околу 3,3 милиони влезници.
Нема само непријатни предзнаци
Кога во јуни ќе биде означен почетокот на првиот натпревар, фудбалските навивачи ќе се погрижат за добро расположение, со надеж дека нема да има инциденти. „Ние сме многу добро подготвени за да гарантираме безбедност за сите, зашто сакаме да организираме Мундијал над Мундијалите“, истакнува бразилската претседателка Дилма Русеф.
„Ние сме фаворити“
Тренерот на бразилската фудбалска репрезентација Луиз Фелипе Сколари (на фотографијата) е убеден во шестата титула светски првак. По победата во Купот на конфедерациите 2013 против Шпанија, тој зрачи со самодоверба. „Да, ние ги имаме сите предуслови да станеме светски првак. Имаме екипа за тоа, стратегија, организација и квалитет“.
Суперѕвездата Нејмар
Бразил со Сколари веќе ја освои титулата светски првак во 2002. година, кога Роналдо го доведе својот тим до победа со два гола против екипата на Германија. Нејмар (на фотографијата во средината) тогаш имал само десет години. Оваа година во 22-годишниот напаѓач на ФЦ Барселона се полагаат големи надежи на домаќините.
Лев под притисок
Европските екипи ќе имаат тешка задача, за што постои неподелено мислење на експертите. И покрај тешките климатски услови и силниот домаќин, германскиот сојузен тренер Јоахим Лев (на фотографијата) сака конечно да стигне до титула. По второто место во Јапонија и Јужна Кореја, третото во Германија и Јужна Африка, фудбалска Германија се надева на триумф во Бразил.
„Турнир на високо ниво“
Бразил, Германија или пак Шпанија? За шефот на ФИФА, Сеп Блатер, нема јасен фаворит. „Има 31 екипа, сите имаат големи шанси. Ова ќе биде турнир на високо ниво“, вели Блатер.