1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Шпанија нов удар во вилица за Европа

Бернд Ригерт /Е.М. Фиданоска27 јуни 2016

Составувањето влада во Шпанија ќе биде тешко. Доколку владее левопопулистичка коалиција, се заканува заострување на кризата во ЕУ, оценува Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1JEAy
Фотографија: picture-alliance/ZB

Како брегзит да не е доволен, неволји, од аспект на Брисел, се подготвуваат и на југозапад на ЕУ. Порастот на гласови за шпанските левичарски популисти не значи ништо добро, затоа што нивното отфрлање да бидат спроведени препораките на Европската комисија во делот на финансиите и економската политика, крие во себе вистински експлозив за заедничкото чекорење во еврозоната. Шпанија страда под проблематичниот „диктат за штедење“ на ЕУ, тврди постојано фронтменот на Подемос, Пабло Иглесијас. Тоа е погрешно. Шпанија не беше никогаш како Грција или Португалија спасена од банкрот со помош на Европскиот фонд за спас, туку земаше кредити за спас на своите пропаднати банки.Тројката од Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка никогаш не беше во Шпанија и затоа не можела ниту да диктира што било.

Само пароли, без решенија

Шпанската фискална политика е дефинирана од страна на шпанската влада во сплотеност со европската монетарна унија. Значи, ако некој спровел штедење во делот на јавните издатоци и економски реформи, тогаш тоа била конзервативната влада под раководство на Маријано Рахој, кој е дискредитиран од скандали со корупција. Подемос има исцртано непријателска слика за ЕУ која има малку нешто заедничко со реалноста. Шпанија не штеди, туку и натаму си трупа повеќе долгови отколку што тоа го дозволува Пактот за стабилност на еврозоната. ЕК и останатите држави од еврозоната ги затвораа двете очи и на Шпанија ѝ дозволуваа исклучоци. Тоа сигурно не беше диктат за штедење.

Покрај политичката парализа, шпанската држава е и нестабилна. Сепаратистите во Каталонија дополнително ја компликуваат состојбата. Сѐ повеќе се прават споредби со Велика Британија, на која поради Шкотска ѝ се заканува имплозија.

Ако сега Левицата во Шпанија сака зголемување на издатоците на државата и на даноците, тогаш тоа ќе ги принуди евро-партнерите да реагираат, зашто на тој начин критериумите за дефицитот нема да можат да се исполнат на долг рок. Од страна на Подемос критикуваната „политика на штедење“ во најмала рака доведе до повторен раст на шпанската економија и до бавно, веројатно пребавно намалување на невработеноста. Зајакнувањето на левичарските популисти би можело слично како во Грција да доведе до запирање на инвестициите и, во најлош случај, повторно до рецесија.

Riegert Bernd Kommentarbild App

Загриженост за јужните ЕУ-земји

Во ЕУ со опасности е соочена и Португалија, каде левичарската влада се збогува со лимитирањето на долговите и исто така ги прекрши критериумите за дефицитот. Грција се чини се развива во безизгледен случај. Тамошната левичарско-десничарска коалиција е одговорна за намалување на економското постигнување. Таа се држи во живот само со помош на финансиските инјекции од другите евро-држави, со оглед на тоа што едноставно поради бегалската криза не може да се дозволи „грегзит“ од еврозоната. Во Италија во подем се исто така левичарски популисти, односно движењето Пет ѕвезди. Социјалдемократскиот премиер Матео Ренци сѐ уште се држи сосема добро. Тој ги турка реформите напред, меѓутоа сака и да ги зголеми државните издатоци.

Значи, јужните ЕУ-земји и натаму „кризираат“. Левичарски популисти се во подем, но тие не се за излегување од ЕУ како хаотичните застапници на брегзит во Велика Британија. Во Шпанија Подемос сака да остане во ЕУ, но смета дека би требало да се стави крај на, како што тврдат тие, германското туторство во ЕУ. Неодамна, шефот на Подемос својот говор го зачини со заклетва за нова татковина. Тоа наликува на не до крај артикулираните национални говори на Најџел Фараж во Велика Британија. Во Италија, движењето Пет ѕвезди сака останување во ЕУ, но излегување од монетарната унија. Во Грција, пак, левичарските радикали во владата сакат задолжително да го задржат еврото, затоа што согледаа дека нивната земја не би имала никакви шанси надвор од монетарната унија.

Тест за ЕУ

Без Велика Британија како опоменувач, државите кои со драго срце прават повеќе долгови ќе зајакнат. Тука, за жал, мора да се вброи и Франција. За Германија, Финска, Ирска и Холандија, ќе стане потешко да се држат до политиката на штедење. Европската централна банка со својот прилив на пари ги држи каматите за државните обврзници на јужните кризни земји - ниски. Колку уште ќе функционира ваквото „купување време“ е прашање. Ако сега во Шпанија курсот се сврти кон лево, може да се случи претседателот на ЕЦБ Марио Драги да не може веќе да спречи шпекулирање против јужните земји.

Или пак, на државите кои плаќаат за политиката „ниски камати“ ќе им стане „прешарено“. Во Холандија десниот популист Герт Вилдерс бара спроведување референдум за излегување од ЕУ. Не затоа што е против „дикат на штедење“ од Брисел, туку затоа што е против помош за јужните земји. Во Германија деснопопулистичката АфД бара напуштање на еврото од исти причини. Центрифугалните сили во ЕУ се зголемуваат - и на југ и на север.