1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Стил на живот

Од мијач на чинии до милионер

Пандели Пани
1 септември 2017

Покрај ресторани во Берлин, Париз, Лондон или Прага ресторанот „Мулиџиу“ во Тирана се вбројува меѓу најдобрите ресторани во Европа. Главниот готвач Бледар Кола кариерата ја започнал миејќи чинии во Лондон.

https://p.dw.com/p/2j8ad
Albanien, Mullixhiu Restaurant in Tirana
Фотографија: Ilir Rizaj

Како и секое утро, Бледар Кола во својот ресторан го проверува квалитетот на тукушто сомеленото брашно. Денеска е посебно среќен. „Одејќи накај ресторанот прочитав напис и не можев да им верувам на очиве. Веста за мене беше сосема неочекувана и поради тоа радоста е поголема“, раскажува Бледар. Неговиот ресторан „Мулиџиу“ (Мелничар) во Тирана, од „Холивуд ворлд магазин“ (Hollywood World Magazine) беше прогласен за еден од најдобрите десет ресторани во Европа. На прв поглед ресторанот потсетува на рустикална селска гостилница. Ѕидовите се обложени со дрво, столчињата се од грубо обработени даски, чиниите се од груба керамика, салфетите од грубо платно. Нема трага од кристални чаши. Позади еден стаклен ѕид има декорации од врзани пченки во различни бои и големини.

Се готви како кај мама или баба

Амбиентот во ресторанот му одговара на филозофијата на овој млад готвач. Тој сака неговите гости да имаат чувство како да се вратиле во минатото кога луѓето сѐ уште ги мелеле житарките, сами меселе леб и се хранеле во согласност со годишното време. Назима се јаделе тешки манџи со зелка, грав и прокељ, налето полесна храна со пиперки, домати, модри домати, краставици и тиквички“, вели Кола.

„Сакам нашите гости да знаат во кое годишно време сме и во која земја се наоѓаат“, објаснува Кола, алудирајќи на тоа дека глобализацијата, по долги години изолација стаса и во Албанија. Името на ресторанот е синоним за тоа што се прави внатре: секој ден во три мелници се мелат пченка и пченица, но и јачмен, зоб и рж. На Бледар Кола му е од особена важност да им ги направи на луѓето привлечни за консумирање последните три зрнести сорти. Тој готви по рецептите од мајка му и баба му и употребува само локални состојки.

Albanien, Bledar Kola, Chef des Mullixhiu Restaurants in Tirana
Бледар Кола студирал готвачка уметност во Лондон и работел во најпознати ресторани во ЕвропаФотографија: Ilir Rizaj

Оживување на традицијата

Љубовта кон готвењето ја наследил од мајка си. Кога бил мал ѝ помагал кога правела традиционално фиде. На почетокот на деведесеттите, со 16 години, како и многу млади Албанци ја напушта татковината. Заминал за Лондон каде на почетокот миел чинии во ресторан во еден голф клуб. Тоа беше тежок период, се присетува Кола. Без помош и поддршка од еден Австриец, пријател на татко му, можеби и ќе скршнел од вистинскиот пат, вели тој: „ Додека бев таму Роланд Гослер се грижеше за мене. Тогаш го мразев, бидејќи постојано ми даваше совети и ме одвраќаше од моите планови, но денеска сум му особено благодарен."

Albanien, Mullixhiu Restaurant in Tirana
Ресторанот „Мулиџиу“ од „Холивуд ворлд магазин“ (Hollywood World Magazine) беше прогласен за еден од најдобрите десет ресторани во ЕвропаФотографија: Ilir Rizaj

Бледар студирал готвачка уметност на универзитетот Тејмс Валер во Лондон. Работел во познати ресторани како „Ла Гаврош" (Le Gavroche) и „Пиед а Тер" (Pied à Terre) во Лондон, „Фавикен“ (Fäviken) во Шведска и „Норма“ (Norma) во Копенхаген. „Тоа беше многу интересен период, во кој научив многу“, раскажува Бледар. „По сето искуство кое го собрав се чуствував доволно сигурен да се вратам во Албанија и да отворам сопствен ресторан, во кој на старите традиционални рецепти ќе им дадам нов живот.“

Домашно, локално и сезонско

Тој ја оствари целта. Неговиот ресторан е многу популарен во главниот град на Албанија. Таму доаѓаат странци кои работат во Тирана, но и локално население од средната класа, како учители, лекари и правници. Цените во ресторанот се малку повисоки од останатите ресторани, но за странците сѐ уште е многу евтино. Овој врвен готвач има уште една поамбициозна цел: како следбеник на „слоу фуд“ движењето има намера заедно со уште неколку други албански готвачи да креира нови јадења со локални состојки, готвени според стари рецепти преку кои ќе се спојат минатото, традицијата и местото во кое живее. Бледар и неговите пријатели ги поттикнуваат земјоделците повторно да одгледуваат стари видови на зеленчук и овошје и се радуваат што тие не им ги продават овие производи само ним, туку расте интересот и на локалните пазари.