1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од кого се плаши Ердоган повеќе - од Асад или од ИД?

Ане Алмелинг / Превод: Е.М.Фиданоска11 октомври 2014

Турскиот претседател Ердоган е мета на критики поради тоа што не презема посилни мерки против ИД. Но многу сунити сметаат дека поголема опасност претставува режимот на Асад, оценува експертот за Блиски Исток Оливер Ернст

https://p.dw.com/p/1DTVg
Фотографија: Reuters/FBI

ДВ: Кој е поголем непријател за претседателот Ердоган - терористичката милиција ИД или сирискиот претседател Башар ал-Асад?

Ернст: Тоа не може да се споредува едно со друго. Од безбедносна и надворешнополитичка перспектива, тоа се две комплетно различни сценарија. Конфликтот со Исламска држава е асиметричен, исто како и децениската борба на Турција против Курдските милиции, пред се‘ ПКК. Наспроти тоа, конфликтот со Асад има карактер на војна преку посредници (сурогат војна, н.з.). Тука е и внатрешнополитичката димензија: Исламска држава во делови од турското население има извесна репутација на организација противник на режимот на Асад. Така размислуваат и многу сунити во регионот. Зашто, радикално исламистичките милиции се гледаат како силен фронт против Асад. Тој се обвинува за смртта на 200.000 луѓе во Сирија и за прогонување на, во меѓувреме, 10 милиони луѓе. Во споредба со тоа, Исламската држава, од аспект на многу сунити, е помалото зло. Проблемот за Турција е што на проблемот на таков начин гледа само половината од турското население. Другата половина, пред се‘ Алевитите и Курдите, а тоа се околу 40 милиони Турци, сметаат дека Асад е помалото зло, затоа што тој традиционално е повеќе за конфесионална толеранција. Мислам дека оваа внатрешнополитичка димензија е многу важна за да се сфати дека Турција е поделена кога станува збор за третманот на Исламска држава и односот кон Сирија под раководството на Асад.

Што тогаш сака да постигне Ердоган? Има дозвола од паламентот за влез во Сирија, но се воздржува.

Турската влада многу одамна се обиде да издејствува зона на забранети летови во Сирија, за да заштити делови на Сирија од напади на армијата на Асад и воената авијација. Тоа не и‘ успеа. Сега Ердоган се обидува да ја искористи влошената ситуација во турскиот пограничен регион за сепак да издесјтвува зона на забранети летови. Турката влада се обидува да ја искористи негативната динамика во регионот за да реализира сопствени безбедносно-политички претстави во борбата против режимот на Асад.

Oliver Ernst Konrad-Adenauer-Stiftung in Berlin
Оливер ЕрнстФотографија: Konrad-Adenauer-Stiftung

Зошто го прави тоа?

Турската влада не гледа на Асад како на дел од можно решение. Турската влада не верува дека Асад може да биде дел од преодна влада или дека има каква било легитимност. Турција и другите актери имаат екстремно различни ставови околу војната во Сирија. Притисокот на Исламска држава доведе до тоа на Асад повторно да се гледа како на моженс ојузник против џихадизмот, и покрај пропаѓањето на преговорите во Женева на почетокот на годинава. Турција апсолутно не го дели таквиот став. Таа сака да се ослободи од Асад по секоја цена.

Кое е најлошото сценарио за Турција?

Турција во моментов го доживува најлошото сценарио. Тоа што еден диктатор како Асад 3,5 години го убива сопственото население, тоа што меѓународната заедница се покажа како апсолутно неспособна да постигне дури и минимален компромис, неопходен од хуманитарни причини, со режимот на Асад и нему блиските држави Русија и Иран, сето тоа е апсолунтно фијаско. Така на тоа гледа и Турција. Од турска перспектива, всушност, речиси и не може да има натамошно влошување, зашто Турција е многу силна држава. Таа не мора да стравува дека Исламска држава би напредувала на турска територија. Таа не мора да стравува ниту од тоа дека ПКК одеднаш би почнала повторно широка воена кампања. За такво нешто Курдите, како што гледаме во моментов, се преслаби. Тоа што внатрешната безбедносна состојба се влоши поради фронот на Исламска држава кој е се‘ поблиску, е колатерална штета. Но вистинска драма од турски и од меѓународен аспект, е што режимот на Асад може да убива 3,5 години, а ние не успеавме да изнудиме крај на ваквиот режим со цивилни, политички или воени средства.

Д-р Оливер Ернст е политиколог и референт за Блискиот Исток во одделот за овој регион во фондацијата „Конрад Аденауер“ во Берлин

Интервјуто го водеше Ане Алмелинг