Германската книжевна награда за Саша Станишиќ
15 октомври 2019Саша Станишиќ се израдува и не го криеше тоа. Најважната книжевна награда од германско говорно подрачје отиде во рацете на овој 41-годишник за романот „Потекло“. Претходно тој изјави дека се работи за „книга за првата случајност од нашата биографија: да се родиш некаде. И она што доаѓа подоцна“. „Потекло“ е книга за татковините во сеќавањата и во фантазиите. „Овој германски автор роден во Вишеград во 1978 година очигледно го убеди и седумчленото жири. Тие ги пофалија ’остроумноста, хуморот и јазичните шеги’, како и отсуството на ’кич на припадност и призвукот на жртва’“. Со тоа, соопшти жирито, Станишиќ „железно тешките теми ги прави лесни како пердув“.
Едно патување со баба
Станишиќ во 1992 година избегал со родителите - татко Србин, мајка Бошњачка - во Германија. Имал веќе 14 години и многупати досега книжевните критичари го фалеле фактот дека за некој кој научил германски јазик дури во пубертетот тој владее со финесите на јазикот како малку кој современ писател. Инспирација и натаму најчесто наоѓа во првата „случајна“ татковина.
Со својата баба во 2009 година го посетил босанското село Оскоруша каде му се корените. Во тоа село живееле само 13 луѓе. „Потекло“ тука доби импулс, авторот одлучил да се позанимава со корените. Додека Станишиќ работел на романот, дознал дека баба му, веќе болна од деменција, починала. „Во романот живее и натаму. Така ја носам во ноќта. Ја носам до нејзиниот погреб и морам уште еднаш да ја пуштам да умре на хартија. Ништо не се споредува со добрината на оваа жена, ниту еден збор не може да биде толку животен како што беше таа.“
На доделувањето на наградата Станишиќ пак сакаше да зборува за еден друг писател кој пред неколку дена беше одликуван со Нобелова награда. Петер Хандке, вели Станишиќ, во своите книги не споменува жртви. „Имав среќа да побегнам од она што Хандке не го опишува во своите текстови“, рече Станишиќ.Германската книжевна награда ја прифаќа како претставник на „една поинаква литератува која не е цинична“ и која „не ги смета читателите за будали така што поетично ги затскрива во лага“, рече Станишиќ, алудирајќи на Хандке.
Пишување меѓу луѓе
Првиот роман на Станишиќ „Како војник поправа грамофон“ (2006) набрзо по објавувањето е преведен на над 30 јазици. Со својот втор роман „Пред празникот“ (2014) Станишиќ станува книжевна ѕвезда, а со наградата на Саемот во Лајпциг многу брзо станува познат и на меѓународната сцена.Сепак, авторот својата слава ја ужива во скромност, што се забележува и во документарниот филм „По бегството“ во продукција на ДВ.Станишиќ пишувањето како професионален занает го изучил на Институтот за книжевност во Лајпциг.
Интензивната работа на текстовите му покажала колку всушност книжевникот мора да размислува за тоа што се' може да се испреплете меѓу редовите, вели Станишиќ за ДВ. Кога пишува, со задовоство е опкружен со луѓе. „Во Хамбург, каде што живеам во моментов, често одам во Централната медицинска библиотека. Таму учат како луди и можам добро да се концентрирам. За да не привлекувам внимание, секогаш земам неколку книги од полиците и ги ставам пред себе.“ Иако е веќе ѕвезда во Германија, нема сомнеж дека новата награда ќе направи Станишиќ да се качи високо на листите на бестселери. Годинава 105 издавачки куќи пријавија 173 романи за наградата бидејќи добро е познато - романите кои ќе влезат во најтесниот круг, а особено победничкиот, ќе имаат практично гаранција дека германската книжевна публика ќе ги прегрне.