1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Огромни проблеми поради снегот

ЕМФ /агенции
8 јануари 2019

Снегот предизвикува огромни проблеми во Германија и Австрија, а релаксирање на состојбата не е на повидок. Метеоролозите најавуваат нови снежни наноси.

https://p.dw.com/p/3BBSU
Schnee in Südbayern
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Warmuth

„Ваква ситуација нема секоја зима“, оценува германската метеоролошка служба ДВД и најавува нов снег во наредните денови. По кусото затоплување, во покраината Баварија се очекува повторно студен и влажен воздух, кој го носи силниот северозападен ветер. Денеска се очекуваат 10 до 15 сантиметри нов снег на Алпите. До петок, според метеоролозите, ќе наврне 30 до 70 сантиметри снег, а во регионот Алгој се очекуваат дури 90 сантиметри нов снег.

Многу ученици во Баварија се ослободени од настава поради снегот, а во општината Мизбах е прогласена и вонредна состојба. Снегот и ветрот предизвикуваат огромни проблеми во сообраќајот. Посебно е погоден јавниот сообраќај и регионалниот железнички сообраќај.

Österreich Wintereinbruch
Фотографија: picture-alliance/Zeitungsfoto.at/APA/picturedesk.com

Опасност од лавини

Во австриските Алпи е сѐ поголема опасноста од лавини. „Бројот и големината на опасните подрачја се зголемуваат“, соопшти денеска Службата за предупредување од лавини. Со оглед на тоа што се очекува нов густ снег, зголемена е и опасноста од спонтани, т.н. суви лавини. Во Австрија се затворени околу сто патишта. Туристите и жителите на Обертауерн кои беа завеани добија зелено светло да отпатуваат, меѓутоа патот Б99 на делницата помеѓу Унтертауерн и Обертауерн ќе биде повторно затворен со настапувањето на вечерта. Сѐ уште се завеани неколку стотици луѓе во Пелстал и Хоентауерн, каде е прогласена вонредна состојба.

Österreich | Wintereinbruch in Schladming
Фотографија: picture-alliance/dpa/EXPA/APA /picturedesk/M. Huber

Австриските власти апелираат да не се патува ако не мора, а од скијачите се бара да не ги напуштаат обезбедените писти. Не се препорачува ниту влегување во шумите, поради опаснсот од уривање дрвја кои попуштаат под товарот на снегот.

Ситуацијата станува сѐ потешка и во Швајцарија, која досега главно беше поштедена од зимскиот хаос. Метеоролозите очекуваат околу еден метар нов снег до крајот на неделава, пред сѐ во источна и централна Швајцарија.