ОБСЕ со критики на изборите во Белорусија
30 септември 2008Опозицијата во Белорусија не доби ниту еден мандат. И во новиот парламент седат само пратеници верни на претседателот, Александар Лукашенко. Претседателката на белоруската изборна комисија смета дека луѓето се определиле за Лукашенко за да избегнат секаков ризик: „Сите кандидати имаа еднакви услови за влез во парламентот. Овојпат дозволивме на изборите да излезат најголем број кандидати на опозицијата досега.“
Пребројување гласови без транспарентност
Тоа што ниту еден од нив не освоил пратеничко место, предизвика остри критики од страна на ОБСЕ. Претседателот Лукашенко дозволи влез на околу 500 луѓе на ОБСЕ, но при пребројувањето на гласовите набљудувачите не беа присутни - тие едноставно беа исклучени од тој процес. Затоа, во соопштение на канцеларијата на ОБСЕ, се вели дека изборите не одговараат на демократските стандарди. Раководителот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, Герт Аренс изјави: „Истовремено сум полн со надеж и разочаран. Полн со надеж поради тоа што, кога дојдовме, се чинеше дека во изборниот процес ќе има свеж ветер. Разочаран поради тоа што не видовме решение за проблемот, кој овде постои долго време што се однесува до набљудувањето на изборите - немањето транспарентност при пребројувањето на гласовите.“
Рускиот набљудувач со оценка спротивна на ставот на ОБСЕ
На ваквиот став на ОБСЕ, белоруската влада му ја спротивставува, на пример, позитивната оценка на претседателот на руската изборна комисија, Владимир Чуров. И Чуров беше во Минск во улога на набљудувач: „Секоја демократска, суверена држава има право на свои избори. Овие избори коректно ја одразуваат волјата на белорускиот народ.“
Наспроти ваквите изјави, независни сведоци велат дека неколку дена пред изборите, службеници или студенти биле приморани да го дадат својот глас, се разбира за Лукашенко, доколку не сакале да го загубат работното место или местото за студирање.
Опозицијата вели дека изборните ливчиња едноставно се заменуваат
Олга Косулина од демократската опозиција вели: „Сето тоа го очекувавме. Општо е познато дека кај нас се прави фалсификат, дека изборните ливчиња едноставно се заменуваат со други.“
Во неделата вечерта се одржаа првите демонстрации на приврзаниците на опозицијата во Минск, а се смета дека ќе има и други вакви собири. Лукашенко од една страна, на притисок на ЕУ, од затвор ги ослободи раководните луѓе на опозицијата, но од друга страна политичките противници на режимот, во оценката на ОБСЕ, гледаат потврда за нивните ставови.