1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОБСЕ се занимава со меѓународни теми и со самата себе си

Еберхард Нембах5 декември 2005

Денеска во Љубљана започнува дводневно заседание на таа организација

https://p.dw.com/p/Acbf
Љубљана, главен град на Словенија
Љубљана, главен град на СловенијаФотографија: AP

Во 30-тата година од постоењето ОБСЕ стана поскромна: успех би било веќе ако 55-те земји членки усвојат заеднички завршен документ. Зашто, во последните две години министерските конференции на оваа организација завршија без заедничка декларација. Евентуалниот текст на завршниот документ овој пат во секој случај би морал да биде компромис, особено што се однесува до жешките точки. На пример, за тоа дека Русија не го одржа ветувањето да ги повлече своите трупи од Грузија и Молдавија. Треба да биде заземен став и за иднината на Косово.

Освен тоа, станува збор и за внатрешното уредување на самата организација, која некои во меѓувреме ја сметаат за излишна, меѓу другото и поради тоа што таа ретко е во состојба да дефинира јасни позиции. Сега би требало да биде засилена позицијата на генералниот секретар, што треба да донесе континуитет, оти претседателството се менува секоја година.

Актуелниот претседател, словенечкот министер за надворешни работи Димитриј Рупел, сака во Љубљана да покаже дека и кај најтешките теми барем е остварен напредок: „Ние сме сите согласни дека е потребно и натаму преземање максимални напори за решавање на таканаречените ’замрзнати‘ конфликти: во Кавказот,во Централна Азија, во Источна Европа – мислам пред се’ на Молдавија, и на Балканот. Ако во наредната година го задржиме ова темпо и оствариме напредок, ОБСЕ може и натаму да остане една од најважните организации на светот, која презема решенија за такви проблеми“ – вели Рупел.

Пред 30 години тогашната организација Конференција за европска безбедност и соработка (КЕБС) требаше да воспостави мост меѓу спротивставените Источен и Западен блок. Во меѓувреме стана ОБСЕ и се всели во Хофбург во Виена. Во дискусиите на најголемата светска организација за безбедност се’ уште доминира противречноста Исток-Запад. Русија е лута поради многубројните набљудувачки мисии на ОБСЕ кои редовно го критикуваат влијанието на Москва во Украина, Грузија, Азербејџан или Казахстан, кој во 2009-та сака да го преземе претседателството со Организацијата.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Љубљана побара поголемо влијание врз набљудувачките мисии: „Ние сакаме да добиеме јасност околу тоа како се составуваат набљудувачките мисии, кој и како решава на кои избори да се испратат набљудувачи. Имаме впечаток дека никаде не се дефинирани овластувањата на раководителот на мисијата. Според наше сфаќање, за обемот на тие овластувања нема решенија на заедничките органи во ОБСЕ. Ние сакаме и да знаеме како сорабортува ОБСЕ со другите европски организации при набљудувањето“ – вели Лавров.

Дали е можен компромис на ова поле, ќе се види според тоа дали утре попладне ќе биде поднесен заеднички завршен документ. Во изнаоѓањето компромис сака да помогне и Германија. Министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер ќе зборува веќе претпладнево, на првата седница, а попладнето ќе има средба со австриската ресорна колешка Урсула Пласник.