ОБСЕ разочаран од пропаѓањето на пописот во Македонија
14 октомври 2011ОБСЕ во исто време се надева дека новиот попис ќе се одржи што е можно поскоро.
„Пописот е важен инструмент во спроведувањето на Oхридскиот договор. Една од приоритетите на мисијата на ОБСЕ е да помогне во имплементацијата, во спроведувањето на тој договор. Разочарани сме што пописот во овој момент пропадна или е одложен и се надеваме дека тоа ќе се покрене што поскоро“, изјави за Дојче веле портпаролот на ОБСЕ, Фране Мароевиќ.
Прашан зошто пропадна пописот, Мароевиќ одговара: „Тоа не е на нас да проценуваме. Наше е да помогнеме во спроведувањето“.
ОБСЕ го помогнал спроведувањето на пописот во Македонија со печатени материјали. Од оваа организација се надеваат дека тој материјал нема да пропадне и ќе се искористи за следниот попис.
„Што се однесува до нашата помош, тоа е еден од приоритетите во задачите на ОБСЕ – да помогнеме во имплементацијата на овој Охридски договор и пописот на населението е еден важен инструмент во тоа. Ќе продолжиме со нашата поддршка и се надеваме дека се‘ што досега е направено во подготовките секако дека би можело да се искористи за некој следен, иден попис кога би се организирал“, вели Мароевиќ.
Автор: Александар Методијев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска