ОБСЕ ги осуди пресудите против новинарите во Турција
6 август 2013Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), ги осуди пресудите изречени на десетина новинари и писатели во Турција, истакнувајќи дека земјата ја прекршила посветеноста на слободата на говорот и независноста на медиумите.
„Длабоко сум вознемирена поради пресудите и острите казни чија должина и тежина е без преседан во целиот регион на ОБСЕ. Со кривично гонење на оние кои поинаку мислат се кршат основните човекови права на слободно изразување и посветеност на земјите-членки на ОБСЕ да ја развиваат и штитат слободата на медиумите“, се наведува во соопштението на претставничката за слобода на медиуми на организацијата, Дуња Мијатовиќ.
Во затворот Силиври, во близина на Истанбул, вчера се осудени десетина медиумски работници на казни од шест години затвор до доживотна робија.
Тие се осудени во рамки на големиот судски процес за помагање или членство во „Ергенекон“, која турските власти ја сметаат за терористичка организација. Во прашање е судење на група од 275 припадници на војската и интелектуалци, обвинети дека поттикнувале на оружен бунт против премиерот Реџеп Таип Ердоган.