1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинителството бара продолжување на процесот против Караџиќ

Џевад Сабљаковиќ/Б. Георгиевски4 март 2014

Доказната постапка на одбраната на Радован Караџиќ и формално е завршена. Но, обвинителството најави дека до крајот на неделата ќе бара повторно отворање на доказната постапка

https://p.dw.com/p/1BJG4
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/ICTY

Барањето за повторно отворање на доказната постапка, обвинителството ја најави за да понуди сведочења за масовната гробница Томашица кај Приједор, која е откриена во текот на судењето на поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, кој е обвинет за геноцид и други воени злосторства.

Обвинителите ќе бараат и да им се одобри побивање на доказите кои Караџиќ ги изведе како застапник на сопствената одбрана.

Доколку Судскиот совет го одобри барањето, дополнително изведување докази против Караџиќ би било завршена кон крајот на април. Обвинителот Алан Тигер нагласува дека се работи за судење кое „според обемот и комплексноста е без преседан“ во историјата на Хашкиот трибунал.

Караџиќ е уапсен во Белград во 2008. година, а судењето започна кон крајот на 2009. година. Во својата доказна постапка, која почна во април 2010. и траеше две години, обвинителите со испитување на 196 сведоци и преку внесување во судските списи на изјавите на уште 142 сведоци докажуваа дека Караџиќ целел кон основање на чиста српска држава.

Одбраната на Караџиќ

Караџиќ, кој се бранеше сам, почна со изведување на докази во октомври 2012. а заврши на 20 февруари годинава. Тој изведе 238 сведоци, меѓу кои беа и хашки осуденици и голем број лица кои можеа и самите да бидат обвинети пред меѓународниот суд, и кои од претседавачкиот судија често беа упатувани дека можат да одбијат да одговорат на некои прашања доколку оценат дека одговорите можат да ги инкриминираат. Караџиќ околу една и пол година одрекуваше дека постоело злосторничко здружување за протерување на Бошњаците и Хрватите, и докажуваше дека се залагал за легални средства во одбрана на правата на српскиот народ во БиХ, а дека злосторствата за кои е обвинет се сторени таму каде што неговите овластувања немале никаква сила.

Srebrenica 18. Jahrestag Potocari 11.07.2013
Караџиќ е обвинет за геноцид во СребреницаФотографија: picture-alliance/dpa

Севкупно, судењето на Караџиќ ги надмина сите процеси досега водени во Хашкиот трибунал, вклучително и оние против повеќемина обвинети, како што беше случај во предметите Сребреница или Херцег Босна. Уште колку долго, по завршните зборови на обвинителството и на Караџиќ, ќе му треба на Судскиот совет за да ја донесе пресудата е неизвесно, но со сигурност може да се каже дека тоа нема да се случи оваа година.