Обама ја обвинува Русија дека „не мрда со прст“ за деескалација
27 април 2014Русија мора веднаш да запре со „дестабилизацијата“ на Украина, побара денеска (27.04) американскиот претседател Барак Обама за време на посетата на Малезија. Раководството во Москва „не мрдна со прст“ за да ги заузда проруските сепаратисти, оцени Обама во Куала Лумпур. Напротив, има јасни знаци дека таа дури и ги охрабрувала нивните активности, вели американскиот претседател.
САД и Европа во моментов подготвуваат натамошни санкции против Русија, кои ќе бидат обелоденети можеби веќе во текот на утрешниот ден. Се разговара за блокирање сметки и ограничување на патувањето на влијателни Руси. Освен тоа, можни се и санкции против одредени бранши на руското стопанство, кои ќе зависат од тоа дали САД и Европа ќе постигнат единствен став, рече Обама.
Преговори за ослободување на воените набљудувачи
Во текот на денешниот ден треба да почнат преговорите за ослободување на меѓународните воени набљудувачи кои се заробени на истокот на Украина. Делегација на ОБСЕ оствари контакт со лидерот на сепаратистите и самопрогласен градоначалник на Славјанск, Вјачеслав Пономарјов, соопшти заменик шефот на Кризниот центар на ОБСЕ, Клаус Нојкирх, за германската новинска агенција ДПА. Точен временски термин за преговорите нема.
Проруските активисти ја заробија групата воени набљудувачи во петокот (25.04). Тие ја обвинуваат групата, во која има четворица Германци и повеќе украински офицери, за „шпионажа“, поради тоа што поседувале сомнителен материјал (карти).