1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама повторно би наредил акција во Пакистан

22 мај 2011

Американскиот претседател Барак Обама е подготвен да нареди уште една акција, слична на онаа во која беше убиен лидерот на Ал Каеда, Осама Бин Ладен, доколку тоа е неопходно за спречување терористички напади.

https://p.dw.com/p/11LG6
Фотографија: AP

Пакистанските власти изразија незадоволство поради тоа што САД изведоа акција на нивна територија, без претходно да ги информираат. Обама во интервју за БиБиСи, изјави дека неговата влада го почитува суверенитот на Пакистан, но и дека приоритет е да се осигура безбедноста на САД. Тој додаде дека не можел да дозволи да се остваруваат одредени активни планови, а тој да не делува, и дека повторно ќе ја испрати војската, доколку во Пакистан биде откриен некој висок талибански лидер.

Многумина во САД се сомневаат дека Бин Ладен добивал помош од пакистанските власти за време на повеќегодишното криење во земјата, иако Обама тврди дека не се знае кој бил запознат со неговото движење.

„Знаеме дека веројатно му била потребна некаква поддршка надвор од тој имот. Но дали таа поддршка била владина, невладина, мрежна или преку поединци, тоа мораме да го истражиме, а истото го бараме и од Пакистан“, рече Обама.

Американскиот претседател утре ја започнува шестдневната посета на Европа, во чии рамки ќе ги посети Ирска, Велика Британија, Франција и Полска. За време на посетата на Велика Британија, Обама и неговата сопруга Мишел ќе отседнат во Бакингемската палата, како гости на кралицата Елизабета Втора.

Автор: БГ/бета/ап

Редактор: Трајче Тосев