1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама ги повика Израел и Палестинците на компромиси

АТ/ дпа/ ртр/ афп/ ап4 март 2014

Со месеци американскиот државен секретар Кери неуморно работи на мировно решение за Блискиот Исток. Сега се вклучувa и претседателот Обама. На средбата со премиерот на Израел, Нетанјаху, тонот е впечатливо отрезнувачки.

https://p.dw.com/p/1BIxm
Фотографија: picture-alliance/AP

За изнаоѓање мировен договор меѓу Израел и Палестинците американскиот претседател Барак Обама ги повика двете страни на подготвеност за компромис. Решение со две држави сѐ уште е можно, рече Обама на средбата со премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, во Белата куќа. „Тешките одлуки би моралo да бидат донесени“, го опомена Обама својот гостин. Истовремено, тој го пофали ангажманот на Нетанјаху во „долгите, макотрпни преговори“.

Нетанјаху: Мир не само на хартија

Нетанјаху, од своја стран,а се изјасни дека морал да ја следи волјата на својот народ и во интерес на иднината на државата Израел да остане на цврсти позиции: „Ние сакаме мир. Не мир на хартија, туку вистински мир“, уверуваше Нетанјаху. Тој ги обвини Палестинците дека, за разлика од Израел, тие не го исполниле својот дел за надминување на конфликтот.

Нетанјаху во Вашингтон се сретна и со американскиот министер за надворешни работи Џон Кери, кој повеќе месеци се залага за мировно решение меѓу Изралеците и Палестинците.

Единство за темата Иран

Покрај напорите за решение со две држави за Израелците и Палестинците, централна тема на разговорите меѓу Обама и Нетанјаху беше и атомската програма на Иран. „Најголемиот предизвик“ e да се сопре Иран да развива нуклеарно оружје, нагласи Нетанјаху. Тоа e „апсолутна обврска“, дополни Обама.

Израел стравува дека Западот во атомските преговори со Иран бил премногу попустлив. Затоа Израел бара од Техеран целосно да се откаже од стекнување на способност да развива и произведе атомско оружје. Израел смета дека во можното нуклеарно оружје на Иран гледа загрозување на својата егзистенција. Иранската влада, напротив, со години нагласува дека нуклеарната енергија сака да ја користи исклучиво за цивилни цели и на тоа има право.