Ново хуманитарно примирје во Газа
4 август 2014Хуманитарното примирје ќе трае денеска во периодот од 10 до 17 часот по локално време. Примирјето не се однесува на градот Рафа, во јужниот дел на Газа, каде израелските сили се уште се активни, соопшти израелското Министерство за одбрана. Израелските власти најавија дека ќе возвратат доколку биде нападната нивна територија.
Исламистичкото движење Хамас, кое го контролира Појасот Газа, соопшти дека прекинот на огнот е обид да се „оттргне“ светското внимание од „масакрите“ кои Израел ги врши во Појасот.
Во неделата, Израел соопшти дека почнал со повлекувањето на поголемиот дел од копнените трупи, откако операцијата за уништување на палестинските тунели била успешна. Во истовреме беше соопштено дека во воздушните напади бил убиен еден од водечките команданти на Исламски Џихад, Дајал Мансур. Мансур наводно бил надлежен за организирање на ракетните напад врз израелска територија.
Според податоците на надлежните во Појасот Газа, од почетокот на израелските напади на територијата загинале 1.790 Палестинци, повеќето цивили, а над една четвртина од 1,8 милионското население во енклавата е раселено. Уништени се повеќе од три илјади домови на Палестинци.