Путиновиот нов непријател
3 декември 2015Дури и најмоќните претседатели се само луѓе. И како и кај сите луѓе, и кај претседателите се јавуваат бес и огорченост кога се чувствуваат предадени од пријателите. Но, претседателите понекогаш имаат подобри можности од мнозинството луѓе за манифестација на својата разочараност. Рускиот претседател Владимир Путин сетики го искористи своето годишно обраќање пред водечките луѓе во руската држава и општеството, за јавно да раскрсти со својот екс-пријател и турски колега по функција, Реџеп Таип Ердоган.
Крај на едно пријателство
Пред само неколку недели Ердоган престојуваше во Москва за заедно со Путин да ја предаде во употреба најголемата џамија во Русија. Во таа прилика двајцата државници ги фалеа одличните билатерални односи, кои се чини во последните години бележеа постојано подобрување.
Но, со соборувањето на рускиот авион-бомбардер СУ-24 над турско - сирискиот граничен простор, за Путин светот се сврте за 180 степени: Турција, и лично турскиот претседател Ердоган, за него се нов главен непријател. Без да го именува својот турски колега по функција, рускиот претседател на „владејачката врхушка“ во Турција и‘ префрли соработка со терористите. Турција допрва ќе зажали за соборувањето на рускиот воен авион, чин кој Путин го нарече - воено злосторство. Путин не застана тука, со недипломатска зајадливост дополни: Алах на „владејачката клика во Турција“, како казна за нејзините недела, решил да и‘ го земе разумот и смисолот за расудување. На јасен руски јазик: на пријателството засекогаш му е одѕвонето!
Додуша, Путин исклучи директен воен одговор на турската политика, но најави натамошни драстични руски санкции против Турција, се‘уште во непозната форма. Може да се очекува прекин на гасоводниот проект Турски поток или крај на планираната изградба на атомска централа во Турција со руска технологија.
Повеќе отколку обично чувство
Жестоките напади на Путин сигурно не зависат само од личното човечко огорчување поради предавство и измама. Во заднината на антитурската реторика многу повеќе се крие и студена политичка калкулација во Кремљ: целокупната антизападна попаганда настаната во украинската криза, сега може да се пренасочи кон Турција. Тоа перфектно се вклопува во руската стратегија: со учество во коалицијата против Исламска држава, Русија да се извлече од изолацијата на Западот, без притоа да се откаже од изолационистичкиот менталитет, со чија помош се одржува власта во Кремљ. Истовремено Кремљ со тоа сее раскол во редовите на НАТО, каде по исламистичките напади во Париз посебно Франција и Турција различно се позиционираа околу сириското прашање.
На крајот, не треба да се заборави ни следното: турско - руското пријателство склопено меѓу Ердоган и Путин минатите години, беше историска аномалија. Со векови во руско - турските односи доминираа жестоки геополитички спротивности. Затоа, може да се очекува актуелното влошување на односите меѓу Москва и Анкара, кое претставува враќање кон нормалноста, да се одржи и натаму.