Новиот изглед на Бундеслигата
По некој класичен, некои шарени, а има и такви кои потсетуваат на минатите успеси: 18 нови дресови во Бундеслигата. Херта и Франкфурт ги имаат најскапите-84,95 евра, а во Падербон ќе го најдете најевтиниот - 54,95 евра.
Бајерн Минхен
Со мотото „Миа сан Миа“ на јаката, новиот дрес на германскиот првак е потсетување на минатите години: на играчи како Бекенбауер, Шол и.т.н. Новиот црвено-син дрес потсетува по малку на оној на Барселона. Со шест светски прваци во тимот, повратникот Бадштубер и засилувањето Левандовски, почнува мисијата - одбрана на титулата.
Борусија Дортмунд
Со пет светски прваци и заздравениот Шмелцер, БВБ ја започнува новата сезона. Обврзувачката жолта боја овојпат е нашарана со црни дијагонални пруги, а на јаката е логото „Вистинска љубов“. Со засилувањата Имобиле (на фотографијата) и Донг Вон Ји, Борусија ќе атакува на круната на Бајерн.
Шалке 04
Новиот изглед на дресовите на Шалке во однос на минатата година остана речиси непроменет. Паролата „Те сакаме“ останува главен детал на јаката. Новиот дрес потсетува на оној од 1997 година, кога тимот го освои тогашниот Куп на УЕФА. Новите засилувања Чупо-Мотинг и Сем (на фотографијата) треба да донесат нови успеси.
Бајер 04 Леверкузен
Со традиционалните црвено-црни бои и со мотото „Работнички тим“, Леверкузен ја почнува новата сезона. Капитенот Симон Ролфес (фото) ќе го предводи тимот во квалификациите за Лигата на шампионите. Голема помош се очекува од засилувањата Чаланоглу и Дрмиќ.
Волфсбург
Најголемата промена на традиционалниот зелен дрес е маркантниот „Икс“ на градите - според клубот тоа е симбол на клубот и на главниот спонзор Фолксваген. Со капитенот Шефер (фото) и засилувањата Хунт и Јунг надежите се во успешна сезона на повеќе фронтови. На јаката е извезено „Фудбалот е сѐ“.
Борусија Менхенгладбах
Крузе (фото) прославува во новиот дрес кој ги има традиционалните бои на тимот. Инспириран е од сезоната 1974-75 кога тимот го освои Купот на УЕФА. Голема загуба за тимот е заминувањето на голманот Тер Штеген во Барселона.
Мајнц 05
Едноставниот дрес на Мајнц е изработен од рециклирани пластични шишиња. Новиот тренер Хјулманд, напаѓачот Милер (фото) и дружината се надеваат дека можат да го повторат успехот од минатата сезона и успешно да се претстават во Лига Европа.
Аугсбург
Во претстојната сезона ФЦА на домашен терен повторно ќе настапува во традиционалните бои - бело-црвена комбинација. Како и во минатите сезони и овојпат целта е да се задржи прволигашкиот статус. Засилувањето Фојлнер (фото) ќе треба да ја закрепне одбраната.
Хофенхајм
Дресот на Хофенхајм повторно е во традицоналните сино-бели бои, со тоа што овојпат тие се поставени дијагонално. Со бројни засилувања, Хофенхајм повторно најмногу го засили нападот и најавува дека и во новата сезона ќе биде најефикасен тим во Бундеслигата.
Хановер 96
Светла и темно црвена боја се застапени на дресот на Хановер. Шлаудраф (фото), светскиот првак Цилер и засилувањето Хозелу ќе го предводат тимот во новата сезона.
Херта БСЦ
И маскотата Хертињо се чувствува добро во новиот дрес: класичен концепт изработен од рециклирани пластични шишиња со познатите сино-бели комбинации. На јаката е извезено мотото „Од Берлин, за Берлин“.
Вердер Бремен
Вердер и во новата сезона ја задржува традиционалната зелена боја. Класичната поло јака на дресот е украсена со две копчиња. И овој дрес е изработен од рециклирани пластични шишиња. Клучниот играч Хунт си замина.
Ајнтрахт Франкфурт
Црвено-црните од Франкфурт остануваат верни на традицијата. Новиот тренер Томас Шаф и најзвучното засилување Пиацон (фото) ќе се обидат да го обезбедат опстанокот во лигата.
Фрајбург
Нема големи новини на дресот на Фрајбург во претстојната сезона. Клупскиот грб останува најмаркантен симбол на едноставниот дрес во црвена боја со бели ракави. По заминувањето на неколку важни играчи, голем успех ќе биде обезбедувањето на опстанокот.
Штутгарт
Во бело со црвена линија на градите како традиционален елемент и со грбот „1893“ ќе настапувааат играчите на Штутгарт. Тимот на старо-новиот тренер Армин Фе ќе мора да го поправи впечатокот од минатата сезона, а целта е пласман меѓу првите 10 на табелата.
Хамбург
Новиот дрес на Хамбург е нешто на што домашните навивачи се веќе навикнати: на средината од белиот дрес се наоѓаат две црвени и сини линии. По катастрофалната последна сезона од тимот кој го предводат капитенот Фан Дер Фарт и Јансен (фото) се очекуваат подобри резултати.
Келн
Ретро-дресот на Келн е потсетување на успешните 80-ти години од минатиот век. Класичниот бел дрес е прошаран со дијагонални црвени линии. Единствена цел сезонава е да се задржи прволигашкиот статус. Во тоа треба да помогнат искусниот Хелмес и младиот Калаш кој е позајмен од англискиот Челзи.
Падерборн
Дебитантот во Бундеслигата ќе настапува во црни дресови, со сина јака и сини ракави. Во втората лига Падерборн изненадени со добри игри, а сега предводен од Хунемајер (фото) се надева дека ќе успее уште еднаш да изненади.