1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот глас на Берлин во дијалогот со Москва

Роман Гончаренко / Симе Недевски16 јануари 2014

Германската влада го назначи социјалдемократот Гернот Ерлер за нејзин ополномоштеник за Русија. Ова е сигнал за нови тонови во дијалогот со Москва, сметаат експертите.

https://p.dw.com/p/1Aro1
Фотографија: picture-alliance/dpa

Искусниот 69-годишен политичар течно говори руски јазик и важи за еден од најдобрите познавачи на источна Европа. Гернот Ерлер (насловна фотографија) во новата германска влада официјално ќе биде задолжен за координација на меѓуопштествените односи со Русија, а познавачите на состојбите во оваа земја веруваат дека тоа е знак за блага промена на односот на Берлин кон Москва. Се верува дека Германија во иднина помалку јавно ќе ја критикува Русија поради состојбата со човековите права, како и дека и натаму ќе се развиваат одличните економски односи. Самиот Ерлер тврди дека нема да се воздржува од критика на руските власти онаму каде што таа е неопходна: „Но секако треба длабински да се согледаат позициите на партнерот исто така, и од позиција на минатото“, наведува Ерлер во интервју за ДВ. „Важно е да се допушти Москва да го брани својот углед“, додава тој.

Andreas Schockenhoff
Андреас ШокенхофФотографија: picture-alliance/dpa

Берлин: Поделени реакции

Кремљ веројатно му се радува на новиот соговорник од Берлин. Досега на таа позиција беше Андреас Шокенхоф од тврдото јадро на Христијанско-демократската унија кој не се воздржуваше отворено да ја критикува владата на претседателот Владимир Путин. На неговиот учинок во Германија се гледа различно: „Шокенхоф стори многу за руското цивилно општество“, вели за ДВ, Марилуизе Бек, пратеничка во Бундестагот од редовите на Партијата на зелените. Од друга страна, професорот на Универзитетот во Гетинген, Петер Шулце смета дека е добро што на местото на Шокенхоф сега е доведен Ерлер.

„Тој ќе стави акцент на партнерството меѓу двете земји“, смета Шулце, кој порано ја водеше канцеларијата во Москва на германската фондација „Фридрих Еберт“.

Но Ерлер воопшто не го очекува лесна работа. Шулце забележува дека Москва, токму како и Вашингтон, никако не сака критики од надвор. „Со такви земји најдобро е да се биде во постојан дијалог и тоа Ерлер може да го направи“, вели овој професор за ДВ.

Низа експерти веруваат дека односите меѓу Москва и Берлин не можат да зависат од еден човек, и оти не треба да се развива преголем оптимизам: „Тонот на билатералните односи попрво ќе биде воздржан“, вели Ханс Хенинг Шредер од берлинската фондација „Наука и политика“. Тој додава дека надворешната политика и натаму ја одредува иста личност како и во претходните осум години - канцеларката Ангела Меркел.

Поинаку размислува Александар Рар од Германско-рускиот форум. Тој смета дека со назначувањето на Ерлер, партнерската партија во владата - Социјалдемократската партија - добила шанса да ја интонира надворешната политика кон Истокот.

„Промена преку приближување“, потсетува Рар на децениската политика на социјалдемократите кон поранешниот источен блок. Овој експерт цитира дел од коалицискиот договор на новата влада кој се однесува на Русија, каде пишува дека ќе се бараат „заеднички интереси“, а не само „вредности“.

Symbolbild Flaggenkombo Deutschland Russland
Фотографија: DW

Москва: Умерен оптимизам

Познавачите на состојбите во Москва го поздравуваат именувањето на Гернот Ерлер, но не запаѓаат во еуфорија. „Ерлер нема помалку да ја критикува Русија, а Москва мора да очекува оти ќе бидат критикувани конкретни дејства на овдешната власт“, вели Владислав Белов, кој го води Центарот за германски студии на руската Академија за науки. „Сепак тонот на критиките ќе биде попретпазлив“, смета Белов. Поголем оптимист е Фјодор Лукјанов, претседател на рускиот Совет за надворешна и одбранбена политика. „Ерлер може да ги заживее заладените односи. Тој веројатно нема толку отворено да практикува критика“, вели Лукјанов. Тој е уверен дека Ерлер поуспешно ќе си ја извршува работата од досегашниот ополномоштеник Шокенхоф.