Нови лица во Загреб и во Сплит
31 мај 2021Според податоците на Државната изборна комисија вчера од 21 часот по пребројаните 99,17 отсто од гласовите, кандидатот на партијата Можеме!, Томислав Томашевиќ, со 65,29 насто гласови од граѓаните во вториот круг на локалните избори е избран за нов градоначалник на Загреб.
Тој, по речиси 20 години владеење на неодамна починатиот загребски градоначалник Милан Бандиќ, ќе го преземе кормилото на хрватската престолнина.
Кандидатот на зелените и левата опција вети дека како градоначалник ќе се бори против корупцијата во Загреб. „Им благодарам на сите Загрепчани и Загрепчанки кои ни ја дадоа довербата и ќе дадеме сѐ од себе тоа да го оправдаме“, рече Томашевиќ.
Промена и во Сплит
За противкандидатот Мирослав Шкоро од десно-популистичкото Татковинско движење гласаа 34,71 отсто од жителите на Загреб. Шкоро ги повика сите да му честитаат на Томислав Томашевиќ.
Повеќе:
-Локални избори во Хрватска: многу изненадувања, без вистинско изненадување
-Хрватска: Тигарот е мал, но буден
-Избори во Хрватска: Младите не ги интересира политика
Во Сплит кандидатот на партијата Центар, Ивица Пуљак, со 59,82 насто од гласовите е избран за градоначалник. Кандидатот на партијата ХДЗ, Вице Михановиќ, освои 40,87 отсто.Во Риека победата ја однесе кандидатот на партијата СДП, Марко Филиповиќ, а во Осјек кандидатот на ХДЗ, Иван Радиќ, како и во Задар каде за ХДЗ победи Бранко Дукиќ.
Партијата ИДС го загуби местото градоначалник во Пазин, а веројатно и во Пула. Претседателот на владејачката партија на државно ниво ХДЗ, Андреј Пленковиќ, заклучи дека ХДЗ е победик на овие локални избори во Хрватска. „Сакам навистина да го искажам единствениот став на целото водство, а тоа е дека ХДЗ е апсолутен, колосален победник на овие избори, победивме во 15 од 20 жупании, што никогаш не се случило“, рече Пленковиќ.