1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови задачи за НАТО!

11 ноември 2010

Новиот концепт на НАТО во Бундестагот го бранеше Гидо Вестервеле. Со оглед на новите предизвици позицијата застана зад предвидените реформи. Опозицијата, пак, негодуваше поради доверливата содржината на документот.

https://p.dw.com/p/Q6AI
Фотографија: picture alliance/dpa

Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле, една недела пред самитот на НАТО во Лисабон, се заложи за посилна врска меѓу Алијансата и Русија. Пред пратениците на Бундестагот тој говореше за новиот концепт на НАТО, при што побара целосно отстранување на стационираното американско атомско оружје од Германија:

„НАТО не е единствено воен сојуз, тој е трансатлантска заедница на вредности! Како Влада, во овој НАТО-стратегиски концепт имаме повеќе цели. Една решавачка цел е - НАТО да се позанимава со разоружувањето и контролата на вооружување“, истакна шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле.

FDP Chef Guido Westerwelle reagiert
Не сака во Европа да постојат зони со различно безбедносно ниво - Гидо Вестервеле, прв германски дипломатФотографија: AP

Тој потсети на визијата на Обама за создавање свет без атомско оружје, која според него е долгорочен проект. Во меѓувреме, дискусијата за разоружувањето треба да продолжи, смета Вестервеле, според кого и од Германија треба да се повлече постоечкиот американски атомски арсенал. Тој се наврати на ракетниот штит во Европа кој го започна пртседателот Буш. Сега проектот има нова насока - во него се вклучени и земјите од Алијансата, а поканета е и Русија:

„Ние сакаме во Европа да не постојат зони со различно ниво на безбедност. Кај темата безбедност не сакаме во Европа линии на поделби, туку сакаме заедништво и претседателот Медведев најави дека ќе допатува на Самитот на НАТО во Лисабон. Тоа е голем гест. Ние сакаме нашата безбедност да ја прошириме со Русија, а не да бидеме со неа конфронтирани!“, рече министерот Вестервеле, кој ги истакна и заканите на новото време - тероризмот и сајбер криминалот, во кој не е исклучено НАТО да го примени и членот 5, кој подразбира дека напад врз една членка ќе се толкува како атак врз сите.

Повлекување на атомскиот контингент од Германија

Во дискусијата во Бундестагот пратениците од опозицијата беа незадоволни што немале прилика благовремено да го простудираат новиот концепт на НАТО, за кој се повикани да одлучуваат. Социјалдемократот Гернот Ерлер се заложи за тоа - Алијансата да ги спознае сопствените граници на атомското вооружување и побара повлекување на атомското оружје кое е стационирано во Германија. Критики упати и Јирген Тритин кој побара НАТО да не бара нови задачи, туку да се сконцентрира на суштинските кои ги има. Тој гледа перспектива единствено во колективната безбедност, од Ванкувер до Владивосток, како и во соработката со Русија.

Infografik Mitglieder der NATO Deutsch
Вратите на НАТО отворени?

Вратата на НАТО мора да остане отворена

Крајот на студената војна од пред 20 години и новите предизвици - тероризмот и сајбер криминалот, се работи поради кои Алијансата мора да се трансформира, потсети и Карл Ламерс, експерт за безбедност од фракцијата на ЦДУ-ЦСУ. Според него, во глобалниот свет, за НАТО и натаму многу важни остануваат партнерствата со државите кои ги делат интересите за безбедност, па оттука битно е и проширувањето на Алијансата:

„Вратата на НАТО мора да остане отворена. Кој ќе стане членка единствено одлучува сојузот. Според мене ’вето’ од трета страна се отфрла“, подвлече Карл Ламерс, кој во овој контекст не ја спомна Македонија, но ја подвлече потребата од поголема поддршка на Алијансата кај народот.

На крајот од дебатата Рупрехт Поленц забележа дека во надлежната Комисија за надворешни работи никој од пратениците и од опозицијата и од власта не кажал дека НАТО е вишок и дека треба да се растури. Напротив, било речено дека ја зацврстува трансатлантската врска и е еден вид „исплатлива сигурносна полиса“ за сите оние кои без неа би биле нервозни, имајќи го предвид членот 5!

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска