1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова фастфуд култура - улична храна

Хилке Фишер / Александар Методијев24 октомври 2013

Во многу земји во Азија, Африка и Америка тезгите и комбињата, во кои на лице место се подготвуваат закуски, одамна се дел од градскиот пејзаж. Во Германија киосците со храна брзо се развиваат во тренд.

https://p.dw.com/p/19shg
Фотографија: Fotolia/st-fotograf

На традиционалните колбаси со кари и помфрит во Германија им се приклучуваат специјалитети од целиот свет.

Продажна хала „Девет“ во модерниот берлински кварт Кројцберг. Од април тука секој четврток има пазар за улична храна. Готвачи од целиот свет ги нудат своите специјалитети. Чекање во ред и јадење со прсти од хартиени чинии - тоа е дел од ова кулинарско доживување.

„Секако дека идејата е овде човек да има можност да проба многу различни работи и да запознае различни личности, кои стојат зад јадењето, а ова е една рамка во која тоа е достапно. Значи, идејата е човек да може низ халата да се исхранува, буквално кажано, и притоа да може да запознае одредени култури“, објаснува Николаус Дрисен, косопственик на продажната хала „Девет“.

На пример, кимчи кесадиљи или кореански такос со телешко месо, подготвен од Лорен Ли, Кореанката долго време живееше во Лос Анџелес и оттаму го донесе во Германија миксот од мексиканска и корејска храна.

Iftar Ramadan in Dhaka Bangladesch
Пазар на готвена храна во БангладешФотографија: picture-alliance/dpa

„Она што е посебно во пазарот на улична храна овде е тоа што ние сме главно мали претприемачи, сите ги сакаат работите што ги прават и ги користиме времето и напорите за да направиме убав производ“, вели Лорен Ли, готвачка и оперска пејачка.

Пазарите за улична храна одамна припаѓаат на секојдневието во многу земји во Азија и Африка. Во градините Фородани на Занзибар секоја вечер има безбројни тезги со локални специјалитети, како печена морска храна. Познати по своите деликатеси со улична храна се и ноќните пазари во Кина и Тајван. Во САД храната од комбиња во моментов е во тренд. До неодамна тие беа наменети пред се’ за работници кои ручекот го купуваа од т.н. камиончиња за храна. Во меѓувреме, подвижните ресторани ги привлекоа гурманите од своите бироа на аглите на улиците. Свест за начинот на исхрана и високо квалитетни состојки - тоа е значајно за муштериите и готвачите во Германија.

„Не масовност, туку класа. Тоа значи дека навистина постои интерес за тоа од каде доаѓа продуктот, дали е соодветно произведен, како се чувани животните или, пак, дали зеленчукот е биолошки растен“, објаснува Ева-Марија Хилкер, новинарка за гастрономија.

Jogger zwischen Kiosk und Kapitol in Washington
Американската улична храна ја освојува ГерманијаФотографија: Reuters

Овој концепт со свежо подготвени закуски во меѓувреме пристигна и во големите германски градови. Били Дејвис потекнува од Тексас. Таму камионче за продажба на такос е нешто сосема нормално. Но во Берлин тој со своето камионче смее да стои само на приватно земјиште. Властите нему и на неговите колеги не им дозволуваат продажба на тротоарите.

„Германија нема историја со ова и се чини дека тоа е многу необично и ново, па можеби и тешко за нив да го прифатат“, вели Били Дејвис, вработен во „Фатос Такос“.

За овие камиончиња со храна има и друго можно место за паркирање. Тие секоја недела се паркираат на уличниот пазар во берлинската продажна хала „Девет“. Тука се наоѓаат и свежо подготвени шпецли со сирење. Некои на пазарот со улична храна доаѓаат да испробаат нешто егзотично, а други за да вкусат дел од татковината.

„Никогаш не сум ја видела оваа храна претходно. Ова е првпат да јадам ваква храна“, вели една Азијка, додека држи германски тестенини - шпецли, со сирење.

„Ова се пироги од Полска. Си ги земав затоа што тоа беше омиленото јадење од мајка ми, кое таа секогаш го готвеше, а го имаше научено од претходните генерации. Нив тука ги има со различни вкусови и затоа сакав да пробам нешто поинакво“, вели една млада жена, додека покажува кон полските полукружни полнети тестенини.

„Ова е пита со чили и телешко месо од Нов Зеланд. Претходно немам никогаш јадено вакво нешто, но е многу вкусно“, вели еден млад Германец.

Сопствениците на ресторани воопшто не очекуваа дека уличната храна ќе стане толку омилена во Германија, смета новинарката Ева-Марија Хилкер.

„Уличната храна би можела да стане конкуренција на популарната гастрономија, односно на нормалните ресторани, бидејќи таа нуди комплексност, нуди многу мали работи од различни земји, од различни кујни, по цена која сметам дека сопствениците на ресторани не можат да си ја дозволат“, вели новинарката, која тестира ресторани и информира за гастрономија.

Уличната храна е и начин на изразување на генерацијата млади готвачи, како Лорен Ли. Добрата кујна може да се најде и во хартиените чинии, а посебната атмосфера на овие пазари ја нема на ниедно друго место.