1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова фаза во Авганистан

22 март 2011

Авганистанските безбедносни сили во јули од НАТО треба да ја преземат контролата врз седум региони во земјата. Вчера почна повлекувањето на силите ИСАФ. Дали авганистанските сили се доволно подготвени за новата задача?

https://p.dw.com/p/RBDa
Сомнеж кај авганистанските полицајциФотографија: DW

Додека сите очи се вперени кон Либија и воената интервенција на Западот, во Авганистан од вчера почна официјално повлекувањето на силите на НАТО и предавањето на одговорноста за безбедноста во рацете на авганистанските сили. Трупите на ИСАФ-мисијата треба го напуштат Авганистан најдоцна до 2014 година.

Сепак, во авганистанското министерство за одбрана не се забележува голема еуфорија. Ешак Пејман, висок функционер во министерството, стравува дека актуелната опременост на авганистанските војници не е доволна, за со неа да се совлада новата задача:

„Во областа на лесното вооружување нашата армија е вооружена според стандардите на НАТО. Меѓутоа, кога станува збор за тешката артилерија и оклопните возила, работите изгледаат поинаку. Ни‘ недостигаат, на пример, артилериски и ракетни единици.“

Авганистанската армија брои околу 155 илјади војници. Во следните три години би требало да се регрутираат уште деведесет илјади. САД планираат до крајот на 2014 година да вложат над десет милијарди долари за вооружување и обука на авганистанските безбедносни сили. Дали тоа ќе биде доволно, се` уште не може да се каже, смета Ешак Пејман од министерството за одбрана, додавајќи дека армијата моментално се наоѓа во многу лоша состојба. Ништо подобро не е ниту кај полицијата, објаснува авганистанскиот министер за внатрешни работи, Бисмила Мухамади:

„Се` уште не сме во состојба самите да се грижиме за себе. Не располагаме со неопходното оружје, а немаме ниту соодветна обука. Точно е дека бројот на полицајците се зголемува, меѓутоа квантитетот не значи и квалитет.“

„Повлекувањето да не се случи преку ноќ“

Afghanistan ISAF Soldat Deutschland und afghanische Polizisten
Германските инструктори веќе десет години се активни во АвганистанФотографија: AP

Проценки, што Германија и САД најмалку сакаат да ги слушнат. Двете земји повеќе од десет години се ангажираат за обнова на авганистанската полиција. По конференцијата за Авганистан во 2001 година во Бон, Германија ја презеде водечката улога во обуката на полицајците на Хиндукуш. Во последните девет години, германските инструктори обучија над триесет илјади авганистански полицајци. „Огромна помош“, вели министерот за внатрешни работи Мухамади, „но таа треба да продолжи, за да има резултати на подолг рок“. Тој има критики и за плановите на НАТО за повлекување до крајот на 2014 година. Министерот бара повеќе детали:

„Доколку повлекувањето се случи преку ноќ, сигурно нема да бидеме во можност да се грижиме за сопствената безбедност. Се` уште не се знае од кои области ќе почне повлекувањето. Се надевам дека тоа прво ќе ги погоди пооддалечените покраини, а дури потоа поголемите центри и градови.“

Авганистанскиот претседал Хамид Карзаи, но и другите земји, кои веќе една деценија ја поддржуваат земјата, не отстапуваат од плановите за повлекување на трупите ИСАФ. На светот треба да му биде јасно, дека мисијата на меѓународната заедница во Авганистан беше привремена, а не постојана, се вели од претседателскиот кабинет во Кабул.

Автор: Ратбил Шамел / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска