Нова стратегија на НАТО за Авганистан
14 април 2010Бројките јасно покажуваат колку е амбициозна стратегијата за Авганистан. Врховниот командант на НАТО, генералот Стенли Меккристал, сака во наредните месеци да го зголеми бројот на авганистански војници од 100.000 на 171.000. Во Хиндукуш, исто така, треба да работат повеќе полицајци, не како досега само 100.000, туку 134.000. Целта е тие да дадат решавачки придонес за безбедноста. Мотото гласи: Авганистанците треба да се грижат за безбедноста во сопствената земја.
Потребна е подобра обука за полицајците
Обуката веќе започнува, наредната недела во земјата пристигнуваат уште повеќе инструктори. Сепак, нивната задача не е едноставна, смета германскиот потполковник Сандро Визнер, инструктор и воен полицаец: „Постои голема разлика помеѓу скоро необучените и оние кои веќе го завршиле тренингот. Но, просечните полицајци со кои работиме се релативно слабо обучени, така што скоро секогаш мора да почнеме од најосновните знаења. Тука спаѓаат работи како едноставна обука за пукање, до начин на обраќање, за да можат да дејствуваат соодветно на околностите и да не ги шиканираат граѓаните во нивната земја.“
Инструкторите користат алтернативни методи
Голем број Авганистанци не знаат ни да читаат, ниту да пишуваат, воопшто немаат или, пак, имаат сосема оскудно образование. Исто така, професијата полицаец во Авганистан е на лош глас. Се смета дека полицајците се корумпирани, слабо платени и тие повеќе претставуваат опасност за џебот на граѓаните, отколку што им се пријатели и помошници. Со ваквите потешкотии се запозна и Алф Дорвајлер, полицаец од Северна Рајна-Вестфалија, кој една година беше во Авганистан, во рамките на мисијата за обука на Европската унија: „Иако мотивацијата беше голема, сепак, концентрацијата беше слаба, по еден час или два во секој случај мораше да се направи подолга пауза. Згора на тоа, авганистанските полицајци редовно се молат и од тоа не отстапуваат. Со тоа се оддолжува и успорува постапката.“
Дорвајлер вели дека материјалот за обуката, кој на почетокот го донесле од Германија, најпрво не се користел. Наместо тоа, се употребувале алтернативни концепти. Така на пример, инструкторите го објаснувале однесувањето во уличниот сообраќај со автомобили играчки, а не со текстови.
Ќе истраат ли земјите кои имаат војници во Авганистан?
Генералот Карл-Хајнц Латер, шефот на НАТО-генералштабот во Европа, зборува во прилог на обуката: „Како прво, мора да заборавиме на тоа дека полицаецот во Авганистан е ист како оној во Франкфурт, кој стои на главната железничка станица и го регулира сообраќајот. Нормалниот полицаец, кој работи на терен во регионот Кундус, е сличен со поранешните сојузни граничари во Германија. Тие се повеќе паравоени сили и се грижат за безбедноста на лице место. Тоа значи дека мора и да се борат.“
Корнелиус Фризендорф од хесенската Фондација за истражување на мирот и конфликтите, гледа критички на стратегијата на НАТО: „Западните држави бараат можности за што е можно побрзо повлекување и затоа сакаат што побргу да го зголемат бројот на авганистанските безбедносни сили. Но, ним не им е важен само квантитетот, туку и квалитетот. Реформата на полицијата, како што покажаа искуствата од другите конфликтни региони, трае повеќе години, дури и децении.“
Сепак, повеќе земји-членки на НАТО дотогаш можеби ќе го изгубат трпението, поради нивните војници кои се испратени да се борат во Хиндукуш.
Автор: Кристоф Пресл / Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска