Нова партија - нов мост или нова пречка?
15 февруари 2022Мост за соработка или пречка - како ќе се одразат на односите меѓу Софија и Скопје партии кои во Северна Македонија ги формираат македонски државјани кои се декларираат како Бугари? Прашањето се актуелизира по неодамнешната најавата на Виктор Стојанов, актуелен претседател на Фондацијата „Македонија“, дека е иницијатор за формирање партија во РСМ. Во разговор за весникот „Труд“ тој одговара до каде се процедурите за прибирање документи и како таа партија би се одразила на односите меѓу двете земји. Иако весникот ја најавува како евроцентристичка партија на Бугарите, Стојанов тврди дека таа ќе биде партија за сите Македонци.
„Работното име на партијата во моментов е Демократска партија за европска иднина. Ова име не го вклучува името Бугари, туку го вклучува зборот ‘иднина’, затоа што сметаме дека единствената перспектива на оваа земја е да биде дел од ЕУ. Партијата не може да пречи, дури и ќе помага, бидејќи ќе му предложи на македонското општество да спроведе реформи во државата, кои очигледно постојните партии немаат можност да ги спроведат, поради одредени зависности, според мене од Белград. Претстојат исклучително тешки и важни промени, за да може оваа земја да ги исполни барањата од Копенхаген за членство во ЕУ. Оваа партија нема да го обедини и консолидира само бугарскиот глас, туку ќе го привлече и гласот на сите луѓе кои сакаат нивната земја побрзо да се присоедини кон ЕУ. Партијата ќе биде слободна и независна за да може да ги спроведе потребните реформи, потенцирам доста тешки реформи, вклучително и во судскиот систем. Се сеќавам дека Франција стави вето токму поради барањето за реформи во судството. Новата партија нема да биде етничка партија, туку партија за сите Македонци“, вели Стојанов.
Во „Труд“ тој е опишан како семеен човек, татко на едно дете, израснат во Карлово и личност која се залага за градење врски меѓу Бугарија и Северна Македонија според принципот „едно општество во две држави“.
Документирање на воени споменици
Покрај подготовки за партијата, Стојанов открива дека неговата организација е посветена на документирање на актуелната состојба на бугарски гробишта во РСМ. Токму поради тоа Фондацијата „Македонија“ испратила писмо до Лена Бориславова - шефица на кабинетот на бугарскиот премиер, за да му обрне внимание на Кирил Петков тоа прашање да го постави за време на заедничката седница на македонската и бугарската влада во Софија.
„Не беше поставено, ниту имаме повратен одговор. Ние како организација работиме на опис на вкупно 471 бугарски гробови во Северна Македонија. Тоа значи дека ја фотографираме нивната моментална состојба, поставуваме гео-точка со точни џи-пи-ес координати, за откако ќе ги опишеме да ги претставиме во Централниот воено-историски архив, да се направи интерактивна мапа и сајт на кои секој ќе може да се запознае со моменталната состојба на нашите воени гробишта и нивната историја - кога се случило, за време на Балканската, на Првата или за време на Втората светска војна. Во прашање е зачувување на бугарското културно-историско наследство на територијата на денешна Северна Македонија. Ова е едно од трите главни прашања заради кои ставивме вето, а за жал ова прашање не беше коментирано на заедничкото заседание во Софија“, вели Стојанов.
Тој лани во октомври ја алармираше бугарската јавност дека поради изградба на пат кај селото Дреново во близина на Кавадарци, од две поголеми парцели биле „изринати“ коските на речиси 400 бугарски војници кои загинале во Првата светска војна, а дека македонските власти не го известиле бугарското Министерство за одбрана за нивната намера, ниту Бугарската православна црква за да се направи опело и коските да бидат преместени на друго место со православен ритуал. Набрзо беше утврдено дека такво нешто не се случило. Радослав Симеонов, експерт за воени споменици од бугарското Министерство за одбрана изјави за БНТ дека двата споменика кај Дреново се подигнати на местото на бугарски воени гробишта, но оти тие биле уништени уште во 30-тите години на минатиот век.
Потреба за конструктивна атмосфера
Во РСМ веќе има една политичка партија на чие чело е македонски државјанин кој се декларира како Бугарин. Петар Колев, правник по образование кој живее во Штип, е претседател на Граѓанско Демократска Унија (ГДУ) основана во 2018 година. Во интервју пред две години, запрашан дали бугарски државјани ја сочинуваат изборната база на партијата, тој одговори со споредба.
„ГДУ никогаш не се вознемирувала од идејата дека во нејзините редови има луѓе кои се бугарски државјани. Јас јавно, како претседател на партијата сум кажал дека сум бугарски државјанин. И тоа е разликата меѓу ГДУ и останатите партии во Македонија (...) Ако го погледнете персоналниот состав на двете партии (СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, н.з.) можеби бугарските државјани во нивните раководства се малку повеќе од тие во нашето раководство“, изјави тогаш Колев.
Лани во јули тој оствари средба со бугарскиот претседател, на која Румен Радев порача дека очекува во РСМ да се напушти говорот на омраза во учебниците по историја, во натписите на историските споменици, во музеите, во медиумите.
„Прекинот на дискриминацијата и почитувањето на правата на Бугарите на територијата на нашиот југозападен сосед ќе биде важен знак за европската зрелост на Република Северна Македонија“, порача тогаш Радев.
- повеќе: „Обработка на минатото“: Траумата на Македонците и табуто на Бугарите
Сега се интензивираат и контактите на лидерот на ГДУ со македонските политичари. Но, Колев изјави дека за разлика од приемот кај бугарскиот претседател, неодамнешната и други средби кај македонскиот претседател поминале без медиумско покривање. Тој пред една недела се сретна и со министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Како што беше соопштено, биле разменети мислења за актуелните внатрешнополитички актуелности, но и за севкупниот контекст на односи во врска со обновениот дијалог меѓу владите на Северна Македонија и Бугарија.
„Нашето општество има нужна потреба за конструктивна атмосфера за важните прашања кои ја детерминираат европската иднина на државата. Оваа дебата налага искрен пристап од сите актери во земјата, при што сите треба да вложиме напор да ги надминеме и меѓусебните разлики и да изградиме заеднички позиции кои ни се многу потребни“, објави Османи по средбата.