Нова надеж за Појасот Газа
2 јуни 2014Весниците од Западниот Брег и источен Ерусалим кои некогаш беа забранети, сега повторно можат да се најдат во центарот на Газа. Седум години откако Хамас со насилство ја презеде власта во Газа, владата повторно дозволи продажба на про-Фатах весници, прв чекор кон помирување на двете завојувани фракции.
Минаа пет недели откако двете групи го потпишаа примирјето во Газа. Сега локалните жители со нетрпение го очекуваат формирањето на преодната влада, иако не се сигурни дали таа ќе може да ги решава и нивните тековни проблеми паралелно со процесот на помирување.
Враќањето на Фатах
Раниа Ел Лох последниве недели почесто се среќава со своите поранешни колеги. До 2007 година, таа како квалификуван психолог работела за министерството за здравство на палестинските власти.
„Веќе седум години седам дома и тоа беше навистина тешко, не само за мене туку и за сите нас“. Таа е една од околу 50 илјади поранешни вработени во палестинската управа кои беа испратени дома по преземањето на власта од страна на Хамас. Целта на таквиот чекор на Фатах беше да се спречи администрацијата да работи за, де факто, владата на Хамас. Раниа Ел Лох се‘ уште ја добиваше својата плата, но паралелно работеше и други работи. Враќањето на старата работа го смета за своја национална обврска. „Треба да биде во интерес на јавноста нашата визија да се вратиме на работа, затоа што треба да обезбедиме услуги за граѓаните“, вели таа.
Различни системи
Помирувањето меѓу Хамас и Фатах подразбира и приближување на две целосно различни администрации кои беа изградени во Западниот Брег и Газа. „Веќе седум години, имам два системи - во Газа, каде доминира Хамас и во Западниот брег, каде доминира Фатах“, вели Мухамер Абу Сада, политиколог на универзитетот „Ал Ажар“ во Газа. Според актуелните предлози, спојувањето на некои министерства ќе биде скапо затоа што секоја администрација си ги носи своите луѓе. Таквиот процес ќе значи и дополнително оптоварување за финансиски и онака слабата палестинска управа. Надежите се дека проектот ќе го финансираат меѓународни донатори. Некои арапски земји, како Катар, веќе ветија дека ќе помогнат. Останува нејасно од колку ќе бидат двете страни подготвени да се откажат. Главна цел на преодната власт ќе биде да ги подготви парламентарните и претседателските избори, но ќе мора да најде начини и да го подобри животот на граѓаните.
„Прашањето е како да им се даде чувство на граѓаните дека нешто се подобрува. Инаку, ова ќе води кон разочарување и неуспех“, вели Басем Наим, лидер на Хамас во Газа. „Зборуваме за граници кои се затворени седум години, за 45-процентна невработеност и за сиромаштија од 80 проценти“, вели Наим. Се работи за многу тешка состојба, а Палестинците се поделени кога станува збор за вината. Некои велат дека Фатах го запоставил Западниот брег, додека други сметаат дека одговорноста е кај Хамас бидејќи не успеал да ја подобри ситуацијата и покрај седумгодишната целосна контрола врз областа.