1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова ескалација на војната во Газа

АТ/ дпа/ афп/ ртр29 јули 2014

Нема крај на крвопролевањето на Блискиот Исток. Откако четворица Израелци на југот на земјата загинаа од граната на Хамас, Израел реагираше со масовни напади врз цели во Газа. Во Тел Авив се огласија сирените.

https://p.dw.com/p/1Ckxj
Фотографија: picture alliance/dpa

Жителите на градот Газа говорат за досега најтешките напади од почетокот на офанзивата пред три недели. Над куќите летале израелски беспилотни летала, и секоја минута градот го потресувале тешки експлозии, раскажуваат тие.

Според медиумски извештаи, во Газа биле нападнати околу 150 цели со артилерија, воени бродови и од воздух. Според спасувачките екипи, 16 лица загинале, а голем број луѓе биле повредени.

Привиден мир

Во текот на денот Израел и Хамас, без официјален прекин на огнот, во голема мера ги прекинаа борбените дејствија на почетокот на исламскиот празник Бајрам на крајот на месецот на постот - Рамазан. Меѓутоа надежта за намалување на тензиите и евентуален подолг прекин на огнот се покажа како лажна.

При напад со минофрлачи на милитантните Палестинци во пограничниот регион кон Појасот Газа загинаа четворица Израелци. Тоа беше напад со досега најголем број жртви во Израел од почетокот на воената офанзива во Појасот Газа. Во понеделникот вечерта (28.07) и во текот на ноќта израелската армија реагираше со масовни напади врз цели во Појасот Газа.

Во еден од нападите врз Газа, според палестински наводи, била погодена и куќата на водечкиот член на Хамас, Исмаил Ханија. Ханија во 2006 година беше премиер во Појасот Газа каде владее Хамас. Ниту Ханија, ниту неговото семејство не биле во куќата, кога куќата била погодена од ракети.

Во Тел Авив рано урово се огласија повторно сирените. Во регионот се слушнале повеќе експлозии, јавуваат израелските медиуми. Штетите сѐ уште не се познати. И на други места во Израел се слушаа сирените.

Цивилите се повикани да ги напуштат домовите

Повеќе часови претходно израелската армија во повеќе предградија на градот Газа го повика палестинското цивилно население веднаш да ги напушти домовите. Во едно соопштение на армијата се вели дека жителите биле информирани телефонски или преку СМС пораки, неодложно да се засолнат на безбедно место. Екстремистите од Појасот Газа пак навлегле во израелско село, каде дошло до престрелки. Според израелската телевизија, во овој напад биле убиени петмина напаѓачи.

Palästinenser Israel Gaza Frau nach Luftangriff in Gaza City
Израел го повика цивилното население да го напушти градот ГазаФотографија: picture-alliance/dpa

Нетанјаху: Офанзивата продолжува

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху го подготвува населението на подолга војна. „Нема да ја завршиме операцијата, пред да ги уништиме тунелите на Хамас“, рече тој во телевизиско обраќање. „Израелското население не може да живее под закана од ракети и тунели - под смртна закана од горе и од долу“.

Системот тунели на Хамас, според израелски наводи, му служи како скривница за оружје, командна централа и база за стрелање на ракетите. Подземните тунели водат до Израел. Министерот за одбрана Моше Јалон, кој стоеше покрај Нетанјаху, во телевизиската емисија рече: „Нема да се колебаме да ја прошириме акцијата, за да му нанесеме уште поголеми штети на Хамас“.

Galerie - Tunnel Gazastreifen
Нетанјаху смета дека треба да бидат уништени сите подземни тунелиФотографија: Getty Images

Советот за безбедност на ОН бара итен прекин на огнот

Во конфликтот, според податоци од Газа, досега загинале околу 1100 Палестинци, повеќето од нив цивили. На израелска страна животот го загубија 43 војници и седум цивили.

Ноќта кон понеделникот Советот за безбедност на ОН едногласно побара „итен и безусловен хуманитарен прекин на огнот“ во Појасот Газа. Страните во конфликтот треба да ги прекинат борбите за да се овозможи помош за луѓето, се вели во резолуцијата на највисокото тело на ОН. Советот е „длабоко загрижен“ поради заострување на состојбата и смртта на цивилите. Советот истовремено ги поддржува мировните напори на Египет, генералниот секретар Бан Ки Мун и САД.

Во Источен Ерусалим вчера демонстрираа десетици илјади Палестинци против израелската воена офанзива во Појасот Газа. Според полицијата, се собрале 45.000 Палестинци на пат кон џамијата Ал Акса, за да го прослават крајот на Рамазан. Многумина носеле маици со слогани кои го поддржуват Хамас и неговите борбени групи.