1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова германска политика кон Балканот?

Самир Хусеиновиќ/ Александра Трајковска27 мај 2014

Министерот за надворешни работи на Германија престојува во дводневна посета на БиХ. Во Сараево тој најави оддржување на конференција со лидерите од Балканот за перспективите на регионот на крајот на летото.

https://p.dw.com/p/1C7Q8
Фотографија: Präsidium Bosnien und Herzegowina

Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер во понеделникот (26.05) во Сараево се сретна со највисоките политичари на Босна и Херцеговина.

Претседателот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ и членовите на Претседателството Небојша Радмановиќ и Жељко Комшиќ го информираа Штајнмајер за состојбата со поплавите и изразија благодарност на владата во Берлин за солидарноста и паричната помош за надминување на ситуацијата предизвикана од поплавите во регионот. Министерот Штајнмајер во тој контекст изјави дека Германија има обврска да ѝ помогне на Босна и Херцеговина и дека неговата земја во наредниот период посилно и поактивно ќе се ангажира за процесот на приближување на БиХ и целиот Западен Балкан кон Европската унија.

Дополнителни средства за отстранување на мините

На разговорите со претседателот на Советот на министри на БиХ Вјекослав Беванда, Штајнмајер подвлече дека е потребно да се згрижат луѓето кои ги загубиле работните места и го информираше Беванда дека Германија издвоила пет милиони евра во Фондот на Европската унија за да им се помогне на малите и средни претпријатија да ја обноват својата работа. Штајнмајер дополни дека Германија ќе издвои и дополнителни милион евра за отстранување на мините и други експлозивни средства од поплавените подрачја. Германскиот министер за надворешни работи се интересираше и за напредокот на БиХ на евроатлантскиот пат.

Bosnien Gefahr durch ausgeschwemmte Minen nach der Flut 21.05.2014
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Ресорниот колега на Штајнмајер, босанскиот министер за надворешни работи Златко Лагумџија од своја страна го истакна степенот на солидарноста „што во вакви тешки времиња се виде дека не постојат ни етнички, ни верски, ни ентитетски разлики“. „Можеби е ова шанса што не смееме да ја пропуштиме, шанса да се обединиме на начин на кој се обединија луѓето во оваа земја, кога во изминатие денови си помагаа едни на други“, рече Лагумџија. Шефот на дипломатијата на Босна и Херцеговина дополни дека во тој процес очекува помош од Германија.

Најава за средба на балканските лидери во Берлин

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер најави дека на 28. август во Берлин ќе биде организиран состанок на претставниците од Западниот Балкан на кој ќе се разговара за идните перспективи. „Се радувам што и БиХ ќе биде дел од тоа“, рече Штајнмајер.

Frank-Walter Steinmeier in Bosnien 26.05.2014
Штајнмајер на средба со членовите на претседателството на БиХ во СараевоФотографија: Präsidium Bosnien und Herzegowina

Многумина во Босна и Херцеговина, но и надвор од неа, од германската дипломатија со министерот Штајнмајер очекуваат поактивна политика на Балканот, за државите од регионот со побрзо темпо да се движат кон евроатлантските системи. Меѓутоа политичкиот аналитичар Зекерија Смајиќ вели дека во овој момент може да се зборува само за „континуитет на европската политика кон БиХ“ започната уште во февруари 2014. година, по пропаѓањето на преговорите за пресудата Сејдиќ-Финци.

„Европската унија тогаш одлучи да го стави во фокусот она на што требаше да се фокусира уште во 1995 година, а тоа е економијата, социјалната политика и вработувањето, значи токму она што деновите се проенцира на Форумот за просперитет и вработување во БиХ“, изјави Смајиќ за БХ радио 1. „Би сакал Германија да биде лидер на новата европска политика кон БиХ, бидејќи тогаш успехот ќе биде неизбежен“, вели Смајиќ и дополнува: „Природно е одговорна земја-членка на ЕУ како Германија да дојде на изворот на природната катастрофа каква што преживеа БиХ, но тоа не значи дека се работи за некаков радикален пресврт на европската или на германската политика кон БиХ“, вели Смајиќ.